Крајниот рок за аплицирање за новите мерки за финансиска помош е 27 ноември, а парите ќе бидат исплатени до крајот на годината
Почнува реализацијата на петте нови мерки за поддршка на работниците од туризмот и угостителскиот сектор, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Со нив се предвидува:
– Враќање на туристичката такса за 2019 година за сите угостителски објекти за сместување
– Грантови за туристички агенции – износот на помошта ќе зависи од приходот остварен во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценцата – најмногу ќе изнесува до 180 000 денари за Б-лиценца и до 430 000 денари за А-лиценца. Вкупниот износ за оваа мерка во буџетот е 116 850 денари.
– Ресторани за свадби – грантовите за ресторани што организираат свечености, свадби и настани се наменети за оние кои имаат пад на приходите повеќе од 75 отсто. Износот зависи од остварениот вкупен приход во 2019, бројот на вработени и видот на решението за категоризација, а сумата на помошта може да изнесува од 180 000 до 600 000 денари за правен субјект. Вкупно се издвоени 60 милиони денари за оваа мерка.
– Игротеки – сумата ќе се одредува во зависност вкупниот приход на субјектот, а може да биде од 90 000 денари до 300 000 денари. За оваа мерка се предвидени 153 милиони денари во буџетот.
– Туристички водичи – грант во износ од три просечни плати, односно по 65 000 денари за секој туристички водич кој поради ковид не можеше да работи. Вкупно се издвоени 9,8 милиони денари за оваа мерка.
За реализација на петте мерки, издвоени се 460 милиони денари или 7,5 милиони евра од буџетот.
Аплицирањето ќе се прави преку онлајн-платформата „Дома си е дома“. Последниот рок за аплицирање за овие мерки е 27 ноември, а финансиската поддршка ќе биде исплатена до крајот на оваа година.
„Сакам да ги повикам сите деловни субјекти да ја користат оваа можност и да аплицираат во дадениот рок. Верувам дека ова ќе биде многу значајна поддршка за компаниите кои беа директно погодени од кризата“,
рече Бектеши.
Дополнително, Бектеши најави дека со 20 милиони денари ќе се помогне и занаетчиството. Занаетчиите ќе можат да аплицираат за финансиска помош од државата која ќе им покрие до 60 отсто од трошоците за набавка на алати и репроматеријали.
Рокот за аплицирање за оваа мерка завршува исто така на 27 ноември.