ВМРО-ДПМНЕ покажува класичен политички дилетантизам и незнаење, реагира Министерството за внатрешни работи на барањето на опозицијата за оставка од министерот Оливер Спасовски поради, како што наведуваат, бегството на обвинетиот во „Монструм“ Агим Исмаиловиќ.
„Трагично е што или не знаат што зборуваат или свесно ги лажат граѓаните. Вистината е сосема спротивна. Откако МВР е известена од судот дека лицето А.И. го нема во судот, каде во тек било рочиште, МВР експресно го пронајде и спроведе за издржување на мерка притвор. Тоа се вели ефикасност и законско постапување согласно надлежностите. А.И. не му избегал на МВР, а соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е целосна лага“,
велат од МВР.
Со реакција излезе и владејачкиот СДСМ велејќи дека опозицијата се брука и покажува незнаење.
„Ниту некој му избегал на МВР, ниту она што го наведува ВМРО-ДПМНЕ има врска со реалноста. Осамен во белиот дворец, губитникот Мицкоски не може да ја види реалноста. МВР денеска експресно пронајде лице и го спроведе на издржување мерка притвор, откако претходно од надлежна институција добило известување дека го нема во судот. Тоа е демонстрација на ефикасноста на МВР на дело“,
реагираат од СДСМ.
Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје требаше да се одржи рочиште за предметот „Монструм“. Меѓутоа, еден од адвокатите во предметот поради здравствени причини отсуствувал и рочиштето се одложило. Обвинителката Фатиме Фетаи побарала на двајца обвинети, Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ, да им се одреди мерка притвор, а за мерката одлучувал Кривичниот совет, а не судечкиот совет во предметот.
Подоцна во текот на денот од Основниот кривичен суд излегоа и со официјално соопштение во кое наведоа дека Кривичниот совет одлучил да го прифати предлогот за притвор за двајцата обвинети и оти еден од нив веќе од претходно се наоѓа во затворот „Скопје“ (поради издржување казна во друг предмет), додека за Агим Исмаиловиќ судот го известило МВР да го обезбеди и спроведе во притвор во Шутка.
Од МВР, пак, информираа дека кога ја добиле информацијата за одредениот притвор од судот и почнале да го бараат лицето, а набргу потоа потврдија и дека го пронашле и го спроведуваат во затворот.