Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва преку соопштение побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за како пто се вели бегството на еден од обвинетите за свирепото убиство кај Смилковското езеро, случај познат како „Монструм“, Агим Исмаиловиќ.
„Оливер Спасовски или свесно дозволил еден од обвинетите за убиството кај Смилковско, Агим Исмаиловиќ да избега од судница, или е целосно неспособен да организира безбедно судење. Оливер Спасовски да каже дали е во договор со Исмаиловиќ со што ќе се потврди поврзаноста на Спасовски со криминалните структури, или да признае дека е неспособен, со што ќе се констатира неговата неспособност. И во едниот и во другиот случај Спасовски треба да понесе одговорност“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ објавено пред малку, во кое се бара од Спасовски веднаш да поднесе оставка.
Нешто повеќе од два часа претходно, од МВР за „360 степени“ соопптија дека полицијата попладнево го пронашла обвинетиот Агим Исмаиловиќ и во моментов го носи во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
На Исмаиловиќ и на уште еден обвинет, Кривичниот совет во Основниот кривичен суд Скопје денеска им одреди мерки притвор откако истите ги побара обвинителката Фатиме Фетаи.