Полицијата попладнево го пронашла обвинетиот во случајот „Монструм“ Агим Исмаиловиќ и во моментов го носи во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, потврдија од МВР за „360 степени“.
На Исмаиловиќ и на уште еден обвинет, Кривичниот совет во Основниот кривичен суд Скопје денеска им одреди мерки притвор откако истите ги побара обвинителката Фатиме Фетаи.
Фејзи Азири веќе се наоѓа во затворот во Шутка во врска со друг предмет.
Барањата за притвор од обвинителката Фатиме Фетаи доаѓаат во период кога судскиот процес за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 е пред завршница.
Адвокатот на обвинетите Насер Рауфи, пак за државната агенција МИА, изјави дека на одлуката за притвор ќе поднесат жалба во понеделник, односно тој смета дека истата е непотребна од причина дека обвинетите ги почитувале доследно претходните мерките донесени од судот.
Покрај двајцата за кои денеска е одреден притвор на списокот обвинети се и братот на Агим, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута.
Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово, но до ден денеска тие не се екстрадирани.
Петтемина еднаш беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток.
Во петкратното убиство кај Смилковското Езеро настрадаа четири момчиња: Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.