Основниот кривичен суд во Скопје попладнево потврди дека му е одреден притвор на обвинетиот Агим Исмаиловиќ во предметот „Монструм“ и дека решението е доставено до МВР.
„За обвинетиот А.И. е определена мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода и истото е доставено до надлежното МВР“,
соопштија од судот.
Притвор му е одреден и на обвинетиот Фејзи Азири, но тој веќе се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари поради издржување друга затворска казна.
Притворот денеска го побара обвинителката Фатиме Фетаи во судницата каде што требаше да се одржи рочиште за овој предмет. Поради отсуство на еден од адвокатите, немало услови да се одржи рочиштето, по што откако биле побарани нови мерки од Фетаи, обвинетите ја напуштиле судницата, а за притворот одлучувал кривичниот совет.
Во краткото соопштение од судот, не се споменува дали имаат повратни информации дали Исмаиловиќ е достапен за органите или не.
Последната информација од МВР, како што веќе објавивме, е дека трагаат по обвинетиот.
„Известени сме од судот и преземаме мерки за пронаоѓање на лицето“,
рекоа од МВР.
Во случајот со петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година обвинети се пет лица.
Покрај споменатите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, на списокот обвинети се и братот на Агим, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута.
Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово, но до ден-денеска тие не се екстрадирани.
Петтемина еднаш беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток.