Полицијата трага по еден од обвинетите во случајот „Монструм“ за кој обвинителката Фатиме Фетаи утрово побарала притвор.
„Известени сме од судот и преземаме мерки за пронаоѓање на лицето“,
велат од МВР.
Од судот засега нема официјално соопштение во врска со одлуките за притвор и дали обвинетиот е недостапен. Информации најавуваат наскоро.
Станува збор за Агим Исмаиловиќ. Тој утрово бил меѓу присутните во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје на рочиштето закажано за денеска. Рочиштето се одложило бидејќи немало услови да се одржи, но обвинителката Фатиме Фетаи поднела предлог да се одредат построги мерки за обвинетите во овој судски процес, кој е пред крај, меѓу кои и притвор за Агим Исмаиловиќ.
За барањето требало да одлучи кривичниот совет во судот, присутните ја напуштиле судницата, но според последните информации засега нема потврда дека тој е пронајден.
Агим Исмаиловиќ е еден од вкупно петтемина обвинети за петкратното убиство што се случи на 12 април 2012 кај Смилковско Езеро. Обвинет е и неговиот брат Африм Исмаиловиќ, понатаму Алил Демири, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово, но до ден денеска тие не се екстрадирани.
Петтемина еднаш беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презде СЈО и судењето почна од почеток.
Во масакрот кај Смилковското Езеро беа убиени четири момчиња: Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.