Министерката за правда и универзитетски професор по уставно право, Рената Дескоска, пред малку го оцени предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада како противуставен.

Својот став, Дескоска го темели на пропишаното во членот 97 од Уставот, што веќе го објави „360 Степени“:
Со органите на државната управа во областа на одбрната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.
се вели во член 97 од Уставот.
Според извори на „360 Степени“, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада е Драган Ковачки, полковник од АРМ. Тој има долга кариера во војската, меѓудругото и како Командат на 1. механизирана пешадиска бригада.

Неговото име се актуелизираше неодамна откако Стево Пендаровски ја презеде претседателската позиција. Имено, Ковачки беше меѓу неколкуте спорни унапредувања кои Иванов ги потпиша во предизборниот период. Затоа, новиот шеф на државата и Врховен командант потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата. Така, Ковачки беше разрешен од позицијата на која го постави Иванов – командант на 1. Механизирана бригада.