Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) до овој момент нема регистрирано внатрешна трансмисија на коронавирус внатре во градинките и училиштата. Претежно тоа се инфекции однадвор, изјави денеска директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова.
Во последните два месеца Државниот и санитарен инспекторат има направено повеќе од 1 000 вонредни инспекциски надзори во правните субјекти кои се во негова надлежност, меѓу кои и градинките и училиштата.
И министерката за образование Мила Царовска има ист став по ова прашање. Таа вчера во интервју за МИА изјави дека училиштата не се трансмитери на коронавирусот и тие засега остануваат отворени. Ако во иднина треба да се донесе поинаква одлука, таа ќе се носи врз основа на препорака од Комисијата за заразни болести.
ДСЗИ, исто така, прави вонредни инспекциски надзори за зголемената смртност кај случаите со ковид, следејќи го патот на лекувањето на одредени пациенти, од матичниот лекар до институцијата каде што настапила смртта.
„ДСЗИ иницира вонреден стручен надзор во однос на одредување дали има или нема лекарски пропуст во лекувањето. Согласно ингеренциите што ги има ДСЗИ, онаму каде што има нотирано пропуст, се постапува веднаш со изрекување решение и со казнена одредба пропишана со закон“,
истакна Сотирова-Бухова.