Северна Македонија ќе поднесе кандидатура за да претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година.
Предлогот бил усвоен на синоќешната владина седница, а Министерството за надворешни работи (МНР) треба да ја поднесе кандидатурата на претстојниот министерски состанок на ОБСЕ што ќе се одржи на 3 и 4 декември во Тирана.
МНР добило задолжение и за подготовка на прва меѓународна конференција со наслов „Преспа форум за дијалог“ во 2021 година. Идејата на Владата е оваа иницијатива да прерасне во своевиден бренд кој ќе придонесе за меѓународна афирмација на Северна Македонија.
„Форумот ќе претставува платформа за добрососедство и решавање на билатерални прашања, но и форум од каде што ќе произлезат нови иницијативи за регионална и меѓународна соработка. Форумот ќе претставува платформа за размена на мислења и искуства на којшто ќе се презентираат идеи за решавање на актуелни прашања и теми од регионален и меѓународен контекст. Форумот, секако, ќе послужи и како можност за претставување на внатрешните и надворешно политичките постигнувања на нашата држава и нејзиното искуство и предизвици во спроведувањето на трите договори“,
велат од Владата.