Земјотресот најмногу се почувствува во Гостивар и во другите градови во западниот дел од државава
Освен вознемиреност кај граѓаните, досега не се регистрирани штети
Во 6:23 часот е почувствуван уште еден потрес со јачина од 3,6 степени, што се толкува како афтершок по првиот удар
Земјотресот што утрово во 4.54 часот беше почувствуван на цела територија на земјава бил со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според првичните информации, епицентарот на земјотресот е во селото Леуново, во близина на Маврово, на длабочина од 8,5 километри.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, рано утринава во 4 часот и 54 минути регистрира земјотрес чиј епицентар се наоѓа 50 km југозападно од Скопје во епицентралното подрачје Тетово-Гостивар. Земјотресот имаше локална Рихтерова магнитуда ML 5,0. Според досегашните податоци, земјотресот најсилно беше почувствуван од населението во Гостивар и Маврово со V степени според Европската макросеизмичка скала, во Тетово и Скопје со IV степени. Во регионите на Битола, Прилеп и околината со III степени според истата скала“,
изјави Драгана Черних, раководител на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ.
Земјотресот најмногу се почувствува во Гостивар и другите градови во западниот дел од државава. Освен вознемиреност кај граѓаните, досега не се регистрирани штети.
Во 6:23 часот е почувствуван уште еден потрес со јачина од 3,6 степени, што се толкува како афтершок по првиот удар.
Во меѓувреме, од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, кој на социјалните мрежи е познат под профилот EMSC@LastQuake и каде што веднаш се објавуваат информации за земјотреси низ целиот свет, објавија дека поради големиот број реакции од Балканот (Северна Македонија, Албанија, Грција) им „паднале“ и веб-страницата и апликацијата.
„Ова е објаснување, иако не може да е оправдување. Овој земјотрес беше почувствуван во некои од земјите каде што ‘Ласт квејк’ е многу популарна: Албанија, Северна Македонија, Грција. Само во Албанија, имаме над 200 000 корисници. Верувајте, тоа е вистински предизвик. Се извинуваме и останете безбедни“,
напишаа на профилот на Твитер.
Според информацијата на профилот на Твитер, тие сѐ уште не се во функција.

„Огромниот број информации по земјотресот во Северна Македонија имаше ист ефект како и хакерски напад, со стотици илјади пораки до нашите сервери за помалку од една минута“,
напишаа во пораката од „Ласт квејк“.