Демонстрациите во Ереван започнаа од вчера откако беше објавено дека Ерменија и Азербејџан потпишале шестнеделен мировен договор
Немирите меѓу Ерменија и Азербејџан се префрлија и во граѓански гнев. Ерменците веќе втор ден протестираат во главниот град Ереван, незадоволни од потпишаниот договор за прекин на огнот меѓу Азербејџан и Ерменија. Договорот за примирје беше потпишан вчера меѓу азербејџанскиот лидер Илхам Алиев, ерменскиот премиер Никол Пашинјан и рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи Русија посредуваше за прекин на немирите во период од шест недели.

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан синоќа изјави дека со лидерот на Азербејџан, Илхам Алиев, потпишал декларација за прекин на војната во Нагорно Карабах, а гарант на потписот е рускиот претседател Владимир Путин. Оваа одлука предизвика незадоволство во главниот град на Ерменија, Ереван, по што следуваше упад од демонстранти во владината зграда.
„Донесов тешка, исклучително тешка одлука за мене лично и за сите нас. Потпишав декларација со претседателите на Русија и Азербејџан за прекин на војната, со почеток од 1 часот по полноќ“,
напиша Пашинијан на Фејсбук.
Тој во статусот на социјалната мрежа наведува дека дека за него и за ерменскиот народ декларацијата е исклучително болна, но додаде дека одлуката ја донел врз основа на темелна анализа на воената состојба и врз основа на проценка на луѓето кои најдобро разбираат што се случува на теренот.
Набрзо по статусот на Пашинијан на Фејсбук во Ереван ноќеска дојде до демонстрации против одлуката за завршување на војната во Нагорно Карабах, а незадоволните граѓани го пробија кордон на безбедносните сили и упаднаа во зградата на ерменската влада.
Меѓу повредените во протестите беше и претседателот на ерменскиот парламент, Арарат Мирзојан, кој беше нападнат од демонстрантите.
Турција, која отворено му даде поддршка на Азербејџан, денеска и официјално изрази честитки за „значајната добивка“.
„Азербејџан оствари значителна придобивка на теренот и на преговарачка маса. Срдечно му честитам за овој успех“,
напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, чија земја го поддржува Баку во конфликтот.
Завојуваните страни, врз основа на договорот кој стапи во сила синоќа во 1 часот, ги задржуваат „позициите што ги зазедоа“.

Русија ќе распореди речиси 2 000 мировници за да се обезбеди почитување на примирјето, со кое се предвидува Азербејџан да ја врати контролата врз неколку окрузи и да одржува копнен коридор што ги поврзува териториите кои сè уште ги контролираат сепаратистите и Ерменија.
„Република Азербејџан и Република Ерменија остануваат на своите позиции. Мировниот контингент на Руската Федерација се наоѓа по должината на линијата за контакт во Нагорно Карабах и по коридорот што го поврзува Нагорно Карабах со Република Ерменија“,
вели Путин во изјавата.
Исто така, се наведува дека внатрешно раселените лица и бегалците се враќаат на територијата на Нагорно Карабах и околните области под контрола на Високиот комесаријат за бегалци на ООН.
Ерменија вчера призна дека ја изгубиле контролата над градот Шуша во Нагорно Карабах каде што се водеа жестоки битки. Шуша важи за стратегиско клучно место на патот кон главниот град на регионот, Степанакерт. Шуша, кој е по големина втор град во регионот по Степанакерт, сега е под целосна контрола на Азербејџан.
Од почетокот на војната на 27 септември, азербејџанските сили окупираа важни делови од територијата во јужниот дел на Нагорно Карабах и со денови се приближуваа кон Шуша и важниот пат што ги поврзува Степанакерт и Ерменија. Нагорно Карабах, територија населена со мнозинство Ерменци, се одвои од Азербејџан, што доведе до војна во која загинаа 90 000 луѓе во текот на 90-тите години од минатиот век.