Во Ерменија бројот на нови случаи се зголемил двојно за две недели, додека во Азербејџан минатата недела се зголеми за 80 проценти
Судирите меѓу ерменските сили и азербејџанската армија во Нагорно Карабах во последните неколку недели доведоа до зголемување на бројот на новозаразени со коронавирус, соопшти денеска Светската здравствена организација.
„Ковид-19 не ги почитува границите ниту линиите на фронтот, но ја користи секоја попустливост, секоја криза што го свртува нашето внимание од глобалните напори да го запреме неговото смртоносно движење“,
рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, на брифинг со новинарите во Женева.
Тој додаде дека мобилизацијата на армијата и раселувањето на населението „му помага на вирусот“.
Последицата е „експлозија“ на коронавирусот во Ерменија и во Азербејџан, каде што СЗО се мобилизира за да одговори на растечките здравствени потреби.
„Во Ерменија бројот на нови случаи се зголеми двојно за две недели, додека во Азербејџан минатата недела се зголеми за 80 проценти“,
изјави портпаролот на СЗО.
Директорот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст за Евроазија, Мартин Шип, рече дека стотици илјади луѓе во регионот биле погодени од конфликтот.
Предвидуваме дека најмалку десетици илјади луѓе ќе имаат потреба од поддршка во наредните месеци, рече тој, додавајќи дека организацијата, која е во регионот од 1992 година, исто така, ќе ги зголеми своите активности, иако нема пристап до сите посакувани области.
Ерменските сили од Нагорно Карабах и азербејџанската армија продолжија со борбите и денеска, кршејќи го хуманитарното примирје четврти ден по ред. Азербејџан бара да се врати под негова контрола Нагорно Карабах, чие отцепување во 1991 година не беше признато од меѓународната заедница.