Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, покрена постапки пред надлежни установи поради тоа што на семејствата во Тетово кои имаат починати од ковид-19 им се наметнува обврската да ги погребуваат само во нови гробни места, а не во семејните гробници.
Тој вели се одлучил на ваков потег бидејќи таква обврска не постои со постојните закони и уредби и затоа што претставува нарушување на верските права и чувства.
Загрижен и како тетовец, Сотировски рече дека денеска разговарал со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и го информирал дека од проверката за закопите на починатите со ковид-19 низ државата, за разлика од други градови, во Тетово и Гостивар тие се спроведуваат задолжително во нови гробни места, а не во семејните гробници со вековна семејна традиција.
„Побарав од министерот, кој е надлежен за ова прашање, рамноправен третман и ревидирање. Министерот ме информираше дека таква одлука не е донесена и дека со почитување на протоколите за заштита, погребниот оператор може да го изврши закопот во семејниот гроб“,
изјави Сотировски.
Соопшти дека денеска испратил претставка до Државниот комунален инспекторат и до Министерството за транспорт и врски од кои бара итно постапување.
„Министерството преку надлежниот инспекторат ќе бара од операторите да го овозможат ова право на граѓаните бидејќи се стекнале со лиценца, која покрај права подразбира и обврски. Изразувам благодарност до министерот за разбирањето“,
изјави Сотировски додавајќи дека ова е дополнително вознемирување на семејствата кои поминуваат низ трауми.
Писмено барање за преиспитување на ова прашање тој испратил до Главниот координативен кризен штаб на Владата на 4 ноември.
