Со потпишаниот меморандум и граничните премини меѓу трите држави ќе се минуваат без ПЦР-тест
Северна Македонија, Албанија и Србија веднаш ќе почнат да работат на координација за обезбедување вакцина против ковид-19
Граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе ги минуваат границите без ПЦР-тестови, а доколку граѓанин поради ковид-19 се најде во болница во овие земји, државата ќе го преземе трошокот за лекување, министрите за здравство и лекарите од трите земји ќе соработуваат и ќе разменуваат искуства во борбата со коронавирусот…
Ова, меѓу другото, се предвидува со Меморандумот за соработка во услови на ковид-19 што денеска го потпишаа премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Србија, Ана Брнабиќ и на Албанија, Еди Рама во присуство на министрите за здравство.

Премиерот Заев, кој беше домаќин на настанот, истакна дека со ова се поставува патот за уште посилна соработка помеѓу нашите пријателски земји.
„Сакаме да го олесниме животот на нашите граѓани и да поставиме основи за економско закрепнување“,
рече Заев кој потоа соопшти што ќе опфаќа оваа соработка.
Доколку еден граѓанин на некоја од земјите потписнички се затече на територијата на друга земја и треба да се лекува таму каде што е хоспитализиран, тогаш, како што објасни тој, државата во која се лекува ќе ги преземе трошоците за тоа лекување.

„Нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да плаќа од својот џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на нашата територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување и на поткрепа која си ја даваме меѓу себе“,
рече Заев.
Земјите меѓусебно ќе се поддржуваат и ќе си помагаат, и доколку се случи преоптоварување на здравствените системи.
Заев рече дека со Меморандумот се отвораат зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските оператори без потреба од ПЦР-тестови, односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар, но со почитување на сите мерки на заштита кои се речиси идентични во сите три земји.
Трите земји, исто така, веднаш ќе почнат да работат на координација за обезбедување вакцина против ковид-19 за граѓаните.
Од Албанија во Србија и обратно само со лични карти
Албанија и Србија во рамките на истиот настан потпишаа и билатерален договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.

„Граѓаните на Северна Македонија веќе неколку години ја имаат можноста да патуваат со лична карта во Албанија и Србија. Денеска би сакал да го поздравам договорот меѓу Албанија и Србија, со што и граѓаните на двете земји ќе можат со лична карта да патуваат меѓусебно. Ваквите договори во интерес на граѓаните ја зајакнуваат регионалната соработка“,
рече Заев.
Трите земји, како што кажа, продолжуваат интензивно да соработуваат и да ги решаваат препреките кои на граѓаните ќе им овозможат многу подобар квалитет на живот.
Заев изрази задоволство што и Косово ја прифатило поканата и се приклучува на овој процес на унапредување на регионалната соработка, а верува дека многу брзо ќе се приклучат и Црна Гора и Босна и Херцеговина.