Премиерите на Северна Македонија, Србија и Албанија, Зоран Заев, Ана Брнабиќ и Еди Рама, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и министрите за здравство на трите земји, денеска ќе одржат онлајн-координативен состанок, по што ќе потпишат Меморандум за соработка со кој ќе се регулираат односите меѓу државите во услови на кризата предизвикана од ковид-19.
Премиерот Зоран Заев преку видеоврска ќе биде и домаќин и на потпишувањето на билатералниот договор помеѓу Албанија и Србија за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.
По потпишувањето на договорот ќе следат кратки обраќања на лидерите.

Вучиќ по видеосостанокот одржан на 30 октомври со премиерите Зоран Заев и Еди Рама кажа дека е важно што се донесени неколку важни одлуки, кои ќе бидат спроведени најдоцна од 10 ноември.
„Тогаш ќе може да се оди во Албанија и Северна Македонија без ПЦР-тест, или оттаму во Србија“,
кажа Вучиќ.
Тој додаде дека министрите за здравство во наредните денови ќе формулираат договори како едни на други да си помогнат, Србија да може да прима пациенти од Скопје и од Тирана и тие да можат да примаат српски државјани кои се наоѓаат на нивна територија, како да се регулираат трошоците.
„Ајде да видиме како да си помагаме едни на други со вакцините, да се појавиме некаде заедно во набавка на вакцините“,
рече Вучиќ додавајќи дека тоа била само една од точките на состанокот, која се однесува на ковид-19.
Вучиќ кажа дека на самитот се разговарало за зајакнување и на политичката соработка.
„Имавме интерес некои наши кандидати да бидат поддржани, а ние да поддржиме некои други кандидати, и тоа подобро ќе функционира во иднина“,
кажа Вучиќ.
Тој потенцира дека е постигнат договор во 3 точки, меѓу другото, и за задржувањата на границата, односно што е можно повеќе да се намалат.
Според Вучиќ, станало збор и за работните дозволи, потоа за вонредната состојба, односно помагање едни на други кога ќе се појават природни непогоди, како и уште побрза работа на царината.