Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден ѝ се обрати на длабоко поделената нација, заложувајќи се за единство и разбирање по четирите години на власт на претседателот Доналд Трамп, кој засега не покажа никакви знаци дека планира да го признае поразот.
„Дојде време Америка да се обедини“,
порача новоизбраниот претседател Џо Бајден во својот прв говор откако беше објавен за победник на изборите во САД.
Бајден говорот го одржа во Вилмингтон, Делавер, неговото постојано место на живеење. Неговиот настап вчера се исчекуваше со нетрпение низ цела Америка, откако попладнето илјадници граѓани, претежно млади, се собираа по улиците на големите градови како Филаделфија, Њујорк, Вашингтон и Аталанта да прослават за неговата победа, јави МИА.
„Ветувам дека ќе бидам претседател кој ја обединува нацијата… Јас сум демократ, но ќе работам напорно како Американец. Народот го кажа своето, тие ни ја обезбедија победата. Сакам да бидам претседател кој нема да разединува, туку што обединува и што не гледа сини и црвени држави, туку Соединети Американски држави“,
истакна Бајден.
Тој најави дека ќе даде се од себе Америка да ја направи почитувана низ целиот свет.
„Јас сум сопруг на Џил и не би бил тука без неа. Џил ќе биде одлична прва дама. Не би бил тука вечерва без љубовта на моите деца, внуци и целото семејство“,
додаде Бајден.
Тој ѝ се заблагодари и на Камила Харис, која со него е избрана за потпретседателка на САД. На поддржувачите на актуелниот претседаел, Доналд Трамп, им порача да му дадат шанса и дека ќе биде и нивни претседател без разлика што не го дале нивниот глас за него.
Порача дека неговата администрација ќе соработува напорно и ефективно со научната заедница на САД за да се победи пандемијата, дека ќе гради просперитет и ќе им се дава праведна можност на сите. Дека ќе се изгради здравството и усоврши американската демократија.
Избраната потпретседалка, Камала Харис, во најавата за настапот на Бајден истакна дека се раѓа нов ден за Америка. Харис, сенаторка од Демократската партија од Калифорнија, е првата жена на таа позиција.
Таа го опиша Бајден како стабилен и цврст човек, а за неговата сопруга Џил рече дека ќе биде одлична прва дама. Таа исто така им се заблагодари на сите жени кои работеа за правото на глас на жените.
Харис, исто така, им се заблагодари на сопругот, мајка си и целото семејство.
„Можеби сум првата жена на оваа позиција, но не сум последна. Бидејќи ова е земја на можности. Сонувајте со амбиција“,
рече таа.