Вкупно 12 лица во Општата болница во Струмица или 12 лекари и медицински сестри и тројца техничари се заразени со ковид-19 и во моментов се наоѓаат во изолација.
Од тие причини неизвесно е и кога ќе биде отворен дополнителниот оддел за прием на ковид-пациенти во новото болничко крило.
Ова го соопшти директорот на болницата Наќе Гогов, кој информира дека дел од заболениот медицински персонал има полесна клиничка слика, а дел се асимптоматски случаи.
„Тоа ни го отежнува и вкупното работење на болницата, а почнувањето со работа на новиот оддел ќе зависи од расположливиот персонал. Треба да ни дозволат да направиме прием на персонал, сестри и лекари, за да може некој да работи таму“,
рече директорот Гогов.
Во струмичката болница моментно се лекуваат 100 пациенти, од кои 45 се хоспитализирани, а останатите 55 се лекуваат со примање терапија во дневната болница.
Според вчерашните податоци, во струмичкиот регион има 586 активни случаи на ковид-19, а завчера беа регистрирани шест смртни случаи во едно деноноќие.
