Мендух Тачи и четворица поранешни членови на ДИК претпладнето дојдоа навреме во судот за рочиштето за „Титаник 2“. И тие и камерите мораа да ги чекаат случувањата надвор од судницата, каде со задоцнување пристигна комбе од затворот во Шуто Оризари. Во него беше Сашо Мијалков, кој штотуку почна да издржува нов 30-дневен притвор за случајот „Империја“, откако истовремено му беше укинат притворот за случајот „Таргет-Тврдина“ одреден на 21 ноември.
Судот не ги открива сите детали од кои причини Мијалков е во притвор, бидејќи актуелната пракса е да не се објавуваат ваквите решенија.
Сепак, успеавме да го прочитаме решението на судот. Во него, на наше изненадување, не се споменуваат фамозните 11 милиони евра кои беа причина за првиот притвор за Мијалков. Велам фамозни, затоа што во јавноста е споделено само дека станува збор за сознание на финансиското разузнавање за пари на две сметки кои не се на екс шефот на УБК, но има сомнеж дека ги контролира.
Каде исчезнаа 11-те милиони евра и двете сметки, сомнеж со кој на СЈО за прв пат му успеа да го притвори Мијалков? За разлика од судот кој воопшто не ги споменува, од тимот на Катица Јанева велат дека не ги заборавиле парите.
„Тие средства беа дел од нашето барање за новиот притвор“, стои во одговорот од СЈО.
Барањето за притвор не е јавен документ, па не може да се провери тврдењето. Но, во јавен домен веќе е првото решение за притвор за Мијалков. Судот тогаш не ги пропушти 11-те милиони евра, под сомнеж дека се на екс-шефот на УБК.
На чии сметки се сомнителните 11 милиони евра и од што потекнуваат е уште едно прашање на кое со недели не дава одговор ниту Специјалното јавно обвинителство ниту пак Обвинителството за гонење организиран криминал- кое случајно или не, неодамна замрзна, исто така, околу 11 милиони евра на две сметки во постапката за продажбата на дел од центрите за дијализа.
Клучното лице во тој предмет е Вера Иванова. Таа тврди дека е единствен сопственик на фирмата „Метрополитен“ која на почетокот на ноември беше продадена на шведски „Диаверум“. Но, проблемот е што:
Пред продажбата „Метрополитен“ е во сопственост на физичкото лице Вера Иванова и правното лице од Дубаи, Смарт Холдинг. Газда на Смарт Холдинг, според документите кои преку дел од своите адвокати ги приложи Иванова, е фирма од Британските Девствени Острови – Генерал Солутионс Сервисес.
Нејзиниот адвокат во постапката за замрзнатите средства, Ѕвонко Давидовиќ, тврди дека и последната фирма во синџирот е на Вера Иванова. На увид ни беа ставени повеќе документи од Дубаи и од Девствените острови во кои го има и името на Вера Иванова. Но, според нашиот увид, во сите тие документи таа е овластено лице-потписник, но не и сопственик.
Разговаравме со Ѕвонко Давидовиќ – адвокат на Вера Иванова:
– Кога ќе погледнете фактографски, Вера Иванова е сопственик и на правното лице Смарт Холдинг Лимитед.
Од документите кои ги приложивте, барем јас лично, не гледам дека Вера Иванова е титулар на акциите на Британски девствени острови. Таа е attorney in law, што значи овластен, овластено лице. Не е principal.
– Вака, јас Ве повикувам да побарате од сопственичката и сигурно ќе Ви ја даде. Ние овие документи со кои располагаме ни се потребни за предметот и можеби во мигот го немаме, бидејќи не не интересирала фирмата од Девствените Острови, нас не интересира другиот дел, сопственоста на Метрополитен, но истата е сопственик по нејзино кажување …. Најдобро е да побарате од сопственикот Вера Иванова која верувам ја има комплетната документација околу регистрација. Затоа што ние како адвокатско друштво сме ангажирани околу замрзувањето на парите и она што се слуша дека евентуално е отворена предистражна или истражна постапка од обвинителството за организиран криминал. Така што, најдобро е од неа да ги побарате документите за фирмата на Девствените Острови. За Смарт Холдинг Лимитед. Ви покажавме за Метрополитен. И тука нема ништо спорно.
Нема ништо спорно, но пак ќе кажам – линијата на сопственост завршува на Британски девствени острови.
– Така е.
Е сега тука имаме една празна точка. Јасно е дека Вера Иванова е и таму претставник, на таа компанија, но од ова што го гледам не гледам апсолутно дека е и сопственик. Вие тврдите да, но како документ не гледам дека е поткрепено во оној момент.
– Да, но и Вие тврдите дека не е сопственик а во исто време немате документ дека тоа не е така.
Тоа е точно. Но, на страната на нејзе е да го докаже спротивното бидејќи нејзин имот е замрзнат под некаков сомнеж.
– Она што кажавте да докаже е интересна ситуација бидејќи нема кому да докаже, затоа што решението за замрзнување на парите се уште не сме го добиле и покрај тоа што писмено сме се обратиле до судот и сме го добиле и бројот на предметот од банката од каде се замрзнати средствата. Но, одговорот на Основниот суд Скопје 1 Скопје е дека се води предистражна постапка која е тајна и не се во состојба да ни го достават решението што е нон-сенс – вели Давидовиќ.
По овој разговор, Давидовиќ дополнително телефонски ни соопшти дека Иванова поседува документ што ја докажува нејзината сопственоста на фирмата на Девствените острови. Но, повторно, не можеше да ни го достави, бидејќи бил дел од предметот за продажба и ревизија на компанијата.
Како што објавивме минатата недела, Вера Иванова се јавува како управител во повеќе друштва ДИАМЕД, МЕТРОПОЛИТЕН, но и ДИАМЕД Р.С., каде сопственик е 21-годишниот Филип Иванов. Филип Иванов пак е газда во уште една фирма – Метро Медикал, каде бизнис партнер му е Ристо Новачевски, кумот на екс премиерот Никола Груевски од неговиот прв брак. Сите домашни компании во мрежата имаат седиште на иста адреса – Јадранска Магистрала бр. 100 во Визбегово.
Дел од средствата што ги замрзна обвинителството за гонење организиран криминал се на сметката на фирмата од Дубаи, во Монако. Иванова, преку нејзините адвокати, објаснува дека на тој начин сакала полесно да инвестира надвор од Македонија. Но, адвокатите не можеа да објаснат во нејзино име, зошто и требале две фирми надвор од Македонија – и во Дубаи и во Девствените острови и дополнително сметка во Монако.
Случајно или не, сето ова се совпаѓа со периодот кога од земјава избега Груевски, а Мијалков влезе во притвор. И двајцата се меѓу ретките Македонци поврзувани со Монако. Мијалков поради студиите на неговиот син. Груевски, пак, како што своевремено потврди неговата партија, добил понуда за стипендија за докторат на универзитет во Монако. Но, тој ја одбил, бидејќи немал време за таков ангажман паралелно со премиерската функција.
Напишете коментар