Една од двете заменички на Катица Јанева како специјална јавна обвинителка, Елизабета Јосифоска, е прва од вработените обвинители во СЈО која ќе биде сведок во судскиот случај „Рекет“, кој се води токму против Јанева и Бојан Јовановски.
Јосифоска ќе биде повикана за рочиштето закажано за 3 јануари 2020 година, соопшти денеска судијката Васка Николовска-Масевска.
Претходно, пак, како што е веќе познато, в петок на 27 декември во судница за случајот „Рекет“ покани ќе добијат тројца сведоци, меѓу кои и поранешен новинар во 1 ТВ.
Обвинителката Јосифоска беше и меѓу обвинителите од СЈО кои даваа искази и за време на истрагата во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Покрај неа, тогаш сведочеа и Лиле Стефанова и Бурим Рустеми кои ги водат случаите „Империја“, односно „Поштенска банка“. Друга заменичка на Јанева беше и Ленче Ристоск, но нејзиното име досега не се споменуваше во оваа афера.
Се очекува дека и тие, но и други обвинители од СЈО ќе се појават како сведоци и во судница. Адвокатите на нивната поранешна шефица Катица Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, во изјава за медиумите посочуваа дека на нивната листа предложени сведоци се речиси сите обвинители од СЈО.
За Јосифоска, како што и самата изјавуваше, познато е дека таа е заменичката која го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на осомничениот во „Империја“, Орце Камчев. Но, како што објаснуваше таа, тоа било одлука на Јанева и таа како нејзина заменичка била должна да ја потпише бидејќи ја заменувала додека била на одмор.
Судско рочиште за „Рекет“ се одржа и денеска, а на него сведочеа: штипскиот адвокат Сашко Бошков и двајца бизнисмени осомничени во случајот „Поштенска Банка, Зоранчо Митровски и Томче Главчев.