Тегли со чист воздух на тротоарот пред Владата вечерва остави опозициската ВМРО-ДПМНЕ на протестот против аерозагадувањето што го организираше вечерва.

Протестот, како што посочија од партијата, беше со намален број присутни поради големите бројки на заразени со ковид-19.
„ВМРО-ДПМНЕ вечерва остави тегли со чист воздух од врвот на Водно пред Влада, бидејќи воздухот што го дишеме е сè, само не е чист. Чистиот воздух станува привилегија. Граѓаните се осудени да се гушат во смог заради неспособната власт, и нема да не изненади ако некоја следна бизнис идеја за која ќе бидат потрошени народните пари биде токму чист воздух во тегла. Иронично, но за жал крајно, крајно трагично“,
изјави Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека бараат да се издвојат повеќе пари против аерозагадувањето.
Мерните станици за загаденост, рече таа, не само Скопје туку во Битола, Тетово, Кичево и други градови, покажуваат и 5-6 пати зголемено количество на ПМ-10 честички.

Жугиќ го прозна премиерот Зоран Заев дека пред 4 години ветувал подобар квалитет на воздухот, а сега нема ништо од тоа.
„Зоран Заев ветуваше дека државата ќе инвестира во подобрување на квалитетот на животната средина и атмосферскиот воздух. 4 години потоа Зоран Заев нема спроведено ниту една мерка во насока на намалување на загадувањето. Македонија секоја зима се гуши. Скопјани дишат отров наместо воздух. И ниту Заев, ниту Шилегов како градоначалник на Скопје не направија ништо конкретно за намалување на загадувањето“,
изјави Жугиќ за време на протестот.
Покрај во Скопје, партијата вечерва организираше протести со автомобили и во Куманово, Битола, Тетово и Струмица.