Министерството за образование и наука развива концепт за целосна промена на наставните материјали за основно и средно образование, кои поттикнуваат или ја засилуваат родовата нееднаквост и содржат стереотипи.
Ова го истакна министерката за образование Мила Царовска на денешната презентација на резултатите од последната студија – „Однесувања поврзани со здравјето кај адолесцентите на училишна возраст во Северна Македонија“, изработена од Коалицијата „Маргини“, кои, како што велат од МОН, се доказ за потреба од итни промени на содржините во наставните материјали.
На презентацијата се зборуваше како стереотипите и дискриминацијата во содржините на учебниците влијаат врз однесувањето на младите, но и во самите училишни средини, семејството и другарување со врсниците.
Министерката Царовска истакна дека преку модернизација на наставните планови и програми, преку примена на современ концепт на едукација, МОН работи на надминување на овие предизвици.
„Потребата од воведување целосно нов систем за изработка на наставни материјали е резултат на постојаните реакции од јавноста, родителите/старателите, учениците, но и самите наставници за квалитетот на учебниците, долгите постапки за нивно одобрување, како и честите повлекување на учебници поради стереотипи, предрасуди, грешки и недоследности. Со воведувањето на целиот концепт, од идната учебна година очекувам надминување на овие долгогодишни проблеми”,
рече Царовска.
За креирање на нов систем за изработка на наставните материјали, МОН формираше и работна група составена од претставници од министерството, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието како и претставници од меѓународни институции и граѓанскиот сектор.
