Полицискиот час не е трајно решение, ако граѓаните не сфатат колку е важно почитувањето на мерките за лична заштита, порача министерот за здравство, Венко Филипче, во гостување во „Топ тема“ на Телма.
„И да се препорача некаде целосна рестрикција на движењето, ако граѓаните не се свесни дека мора да ги почитуваат мерките, истото ќе се случи и по укинувањето на полицискиот час. Значи, ни тоа не би било решение. Затоа ја следиме ситуацијата, се фокусираме на трансмисијата во градинките и училиштата, во случај да треба да препорачаме затворање во некоја од општините ако има таква трансмисија, но засега нема. Затоа сметам дека овој пакет на мерки што го имаме, заедно со оние законски измени во Собранието, е така димензиониран за да може да функционираат граѓаните, а сепак да биде ставен приоритет на заштита на јавното здравје. Полицискиот час не е трајно решение. Таму каде што мерките не се почитуваат, пак, ќе има раст на бројките“,
рече Филипче.
На прашањето – зошто не се воведоа препораки и засилени рестрикции во најзагрозените општини, Филипче посочи дека бројките сами по себе не значат ништо, туку дека се земаат во предвид и други параметри.
„Бројката на новодијагностицирани пациенти од вкупните тестови не значи ништо, затоа што многу се битни епидемиолошките анкети. Каде се луѓето заразени, дали е ограничен кластер, во каква состојба се,дали им треба хоспитализација… Пример, во болницата во Демир Хисар од дваесетина дијагностицирани ниту еден немаше симптоми. Не може да ја тумачиме само бројката туку и останатите параметри. Согласно тоа се носат мерките. Свесни дека податоците укажуваат на тоа дека трансферот е поради групирање ние и така ги димензионираме мерките“,
порача Филипче.
Тој додаде дека растот на заболени од ковид-19 бил очекуван и дека со мерките кои се предложени се очекува трансмисијата да спласне за два-три месеци.
„Растот, секако, го предвидовме уште во летните месеци. Не го очекувавме само ние, туку цела Европа. Мора да потенцирам дека ние цело време после попуштање на мерките на почетокот на летото имавме некакви рестрицкии и протоколи. Никогаш немавме целосно укинување на мерките. Бевме свесни дека не очекува ваков бран“,
рече Филипче.