Вкупната сума што се дава за нето-плати за советниците на премиерот, според опозицијата, изнесува секој месец над 20 000 евра
Околу 246 илјади евра годишно или над 20 илјади евра месечно „тежат“ советниците на премиерот Зоран Заев, според калкулацијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев, како што посочија од ВМРО-ДПМНЕ, го советуваат дури 23 советници, кои земаат плата над 55 000 денари.
„Вкупната сума што се дава за нето-плата за овие советници на Заев изнесува секој месец над 20 000 евра. Годишно од државниот буџет и од буџетот на граѓаните за плати на овие кабинетски советниците на Заев се двојат над 240 000 евра. Во време кога граѓаните живеат со две евра дневно, кога Македонија тоне во сиромаштија, кога државата е најзадолжена досега и е во ризична зона, кога над 40 000 ученици не можат да следат онлајн-настава само поради тоа што нивните родители немаат доволно услови да им обезбедат ИТ-технологија, еден советник на Заев секој месец зема над 55 000 денари. Толку од штедливоста на Заев. Единствено гледаме луксуз и расфрлање на парите на граѓаните“,
вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Конкретно, тој го посочи лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски, за кого забележа дека никој не знае дали и колку инвестиции донел како советник на Заев за странски инвестиции.
„Никој не знае ниту што работи, на пример, поранешниот протокол на Зоран Заев, г-ѓа Хаџиевска, која е советник за меѓународни односи и зема плата над 55 000 денари, а од меѓународни односи гледаме само гафови на погрешени знамиња, буквално на секоја средба каде што самите си ги брукаме државата и македонскиот народ и дури граѓаните се срамат од нив. И кога Зоран Заев и кабинетот имаат намера да ги објават платите на националните координатори?“,
нагласи Арсовски.