
Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули смета дека сѐ уште нема системска контрола на ископот на речен песок во земјава. По нотираните системски пропусти со дозволите за уредување на речните корита од страна на Државниот завод за ревизија, но и констатациите на терен од страна на водостопанскиот инспектор Лидија Зафировска, Макрадули смета дека процесот со уредување на реките не бил доволно централизиран.
„Јас апсолутно ги поддржувам наодите на Државниот завод за ревизија. Мислам дека има многу контроверзии во црпењето песок, ни требаат дополнителни контроли. За жал, различни чинители учествуваат во тој процес и процедурата е таква што од многу одговорни на крајот никој не е одговорен. Мислам дека тоа треба да се централизира и само на тој начин полесно ќе дојдеме до поефикасна контрола на она што се случува на реките низ Македонија“,
изјави Макрадули денеска по посетата на основното училиште „Живко Брајковски“ во Општина Бутел.
Процесот на добивање дозвола е јасен. Општините и „Водостопанство“ бараат дозволи за уредување на речните корита од Министерството за животна средина. Откако ќе добијат „зелено светло“ од Министерството, во недостиг на сопствена механизација, вадењето песок и чакал им го препуштаат на приватни фирми.
Според податоците од Министерството за животна средина во 2018-та, издадени се 12 дозволи за уредување на речните корита, а во 2019-та 9. Носител на сите активни дозволи за уредување е Акционерското друштво „Водостопанство“, од каде што уверуваат дека по наодите на ревизорите ја засилиле контролата на ископите и водат евиденција на изнесените количини речен песок, со испратници заверени од ресорното министерство.
Актуелен директор на АД „Водостопанство“ е Илми Селами, кадар на ДУИ и поранешен претседател на Антикорупциската комисија. Според Макрадули, на чело на акционерското друштво треба да застане кадар на СДСМ.
„Јас знам дека ако СДСМ ја предводи институцијата одговорноста ќе биде поголема и ќе се справиме на терен со тоа“,
додава Макрадули.
„360 степени“ веќе објави дека под превезот на уредување на речните корита се случува масовна злоупотреба со ископ на песок од реките. Дозволите добиени за уредување на реките се користат за безмилосно црпење песок, кој потоа се препродава по многу повисоки цени. Резултатот е уништено природно богатство, незначителна полза за државниот буџет и многу пари во приватни џебови. Ова е констатирано и од Државниот завод за ревизија кој го чешлаше ископот на песок и чакал од Вардарскиот речен слив од 2015 до 2017 година.
Ревизорите констатирале дека „Водостопанство“ нема контрола на извадени, употребени и продадени количини песок и чакал, додека Министерството за животна средина евиденцијата за издадени дозволи ја води во неформален ворд-документ.
„Наведените слабости претставуваат приказ на систем во кој има можност за манипулирање, неконтролирано вадење песок и чакал, неосновано стекнување со средства по пат на продажба на песок и чакал како природни богатства, помалку уплатени средства во буџетот на РМ, а со тоа и влошување на постојниот режим на водите и појава на процес на ерозија и поплави“,
констатирале ревизорите.
Освен ревизорскиот извештај, пропусти на терен констатирал и водостопански инспектор од Државниот инспекторат за животна средина, од каде што се бара ресорното министерство да ги одземе сите дозволи за уредување на речните корита. Како ќе постапи Министерството, одговор нема.
Во меѓувреме, ископот на речен песок ги мобилизира и месните заедници. „360 степени“, веќе објави дека аларм за злоупотреби има во штипско Карбинци, а активни се и жителите на скопските села Гордно, Средно и Долно Коњари кои бараат под итно да запре интервенцијата во реката Пчиња, оти, како што велат, наместо да се уредува, се деградира речното корито. И на двете локации Инспекторатот констатирал серија пропусти, а за Коњари поради непостапување по дозволата кон АД „Водостопанство“ е покрената и прекршочна постапка до Основен суд Скопје 1 на 14 октомври 2019 година. Од друга страна, „Водостопанство“, пак, бара дисциплинска постапка за инспекторката Лидија Зафировска, која наоѓа пропусти во нивното работење.

Стопирање на дозволите за ископ бараат и жителите на скопско Коњари, кои освен протестите, дежураат покрај Пчиња и забрануваат камионџиите да го изнесат речниот песок.
*поврзана вест: (ВИДЕО) На хартија – уредување на речните корита, на терен – масовна кражба на песок
*поврзана вест: (ВИДЕО) Месните заедници молат, Инспекторатот дециден – да запре ископот на песок од реките