Сузана Шуц од германското МНР истакна дека се надева оти билатералните проблеми меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе се решат на начин што тоа нема да биде пречка на патот кон ЕУ и дека се надева оти ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка Брегу најави дека наскоро би можел да биде претставен акциски план за заеднички регионален пазар на Западен Балкан на кој ќе се согласат шесте балкански земји и со тоа ќе одлучат да имаат поконкурентна и поцврста економија
Западниот Балкан често се смета за регион кој е заглавен во нелиберален еквилибриум. Во Србија поголем дел од опозицијата ги бојкотираше изборите и на тој начин дозволи голема победа за владејачката партија. Косово помина низ политичка криза чија кулминација беше падот на владата за време на пандемија со ковид-19, но сепак покажува знаци на промена. Мило Ѓукановиќ по три децении на власт го доживеа првиот изборен пораз. Зоран Заев успеа да се одржи на власт во Северна Македонија најавувајќи амбициозен план за затворање на пристапните преговори со ЕУ во период од шест години. Избори треба да се одржат и во Босна и Херцеговина и во Албанија, но не се очекуваат големи промени.
Згора на сè, кризата со ковид-19 го погоди Западен Балкан и на економски и на социјален план. Каква е перспективата за овој регион во една ваква ситуација беше насоката во која денеска се одвиваше дискусијата на панелот насловен „Западен Балкан, излегување од новиот неред“ во рамки на 10. Белградски безбедносен форум.

Панелот го водеше дописничката на „Фајненшл тајмс“ од Југоисточна Европа, Валери Хопкинс, а дискутираа: еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји; министерот за надворешни работи на Чешка Томас Петричек; генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мелинда Брегу; директорката за Југоисточна Европа, Турција и земјите од ЕФТА во германското МНР, Сузана Шуц, и постојниот претставник на Холандија во ЕУ, Роберт де Грот.
Германски оптимизам за Северна Македонија, јасна порака за Србија и Косово
Западен Балкан е голем приоритет за Германија. Сметаме дека ЕУ нема да биде комплетна ако шесте земји (Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина) не се дел од Унијата и со години наназад Германија е еден од најголемите поддржувачи и придонесува за развојот на овој регион.
Ваква порака испрати Шуц, која во своето обраќање на панелот ги спомена и очекуваните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ. Таа нагласи дека Западен Балкан е уште поголем приоритет и предизвик за Германија сега кога нејзината земја претседава со ЕУ.

„За нас има неколку предизвици. Пристапните преговори се наша главна грижа во моментов затоа што сакаме да ја финализираме преговарачката рамка до 10 ноември и се надеваме дека ќе може да се одржи првата меѓувладина конференција до крајот на годината. Меѓутоа, тука се билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија, но убедени сме дека проблемите можат да бидат решени на начин што нема да се испречат на патот кон ЕУ. Во Албанија ситуацијата е малку потешка, таму кога се даде зелено светло имаше неколку услови кои се поставија за да почнат преговори“,
рече Шуц.
Германката зборуваше и за косовското прашање меѓу Белград и Приштина, и тука беше прилично децидна во пораката што ја испрати до српската и косовската јавност.
„Тешко е да замислам во ЕУ да има две земји членки кои меѓусебно не се признаваат“,
рече Шуц која, исто така, посочи и оти се надева дека на луѓето во Србија им е јасно дека независноста на Косово денес е реалност.
Демократија, владеење на правото и борба против корупцијата
Пораки дека неговата земја е голем пријател на земјите од Западен Балкан испрати и чешкиот шеф на дипломатијата Томас Петричек.

„Чешка ги гледа овие земји како интегриран дел во големото европско семејство. Мојата земја секогаш ќе се залага за демократија и стабилност во регионот. Секогаш сме спремни да го споделиме и нашето искуство, верувам дека ќе ги надминеме сите предизвици, не само тој со пандемијата“,
рече Патричек.
Владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформа на администрацијата, како што нагласи тој, се клучни за регионот. Покрај тоа, земјите мора да соработуваат меѓусебно, индивидуално, како што рече, е тешко да се напредува.
Во таа насока, чешкиот министер го нагласи и тоа што Србија и Косово го рестартирале дијалогот и дека покрај тоа што станува за комплексен процес, мора да се мисли на придобивките што ќе ги донесе интеграцијата во европското семејство преку решавање на проблемите.
Јасни пораки во обраќањето испрати и Холанѓанецот Роберт де Грот. Една земја може да биде дел од ЕУ само ако има владеење на правото, демократија, борба против корупцијата… Само во таков случај неговата земја ќе даде зелено светло за земјите кои сакаат да бидат дел од ЕУ.

Новата методологија на ЕУ, рече тој, овозможува во земјите да се спроведат длабински реформи и тоа, според него, е искрен пристап за да се подобрат и забрзаат работите.
Наскоро план за заеднички пазар на Западен Балкан
Еврокомесарот Оливер Вархеји, исто така, зборуваше дека Западен Балкан е приоритет на ЕУ.

„Пандемијата не нè одврати од тоа да го држиме Западен Балкан блиску до ЕУ. Иднината не целиот регион е во ЕУ и нашата стратегија е да ги донесеме земји во Унијата, а во нивен интерес е да ги спроведат потребните реформи“,
рече Вархеји.
Тој најмногу зборуваше за економијата потенцирајќи дека фокусот на Европската комисија е и да помогнат во долгорочното економско закрепнување по ударот од пандемијата. Тука го нагласи и економско-инвестицискиот фонд вреден 9 милијарди евра, кој на почетокот на месецов го промовираше ЕК.
Нашиот план, рече Вархеји, е да се поттурне економијата, да се донесе раст на работните места, да се направи „зелена“ и дигитална трансформација и регионот да стане еден од најатрактивните за инвеститорите.
Сепак, нагласи тој, економскиот раст ќе биде можен ако владите се посветат и да ги спроведат реформите за владеење на правото, за борба против корупцијата, за реформа во јавната администрација…
Генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мелинда Брегу, исто така, во своето обраќање најмногу се посвети на економијата и рече дека има големи причини да се надева дека до Самитот во Софија во рамки на Берлинскиот процес, кој треба да се одржи на 10 ноември, ќе биде подготвен акцискиот план за формирање заеднички регионален пазар.

Таа нагласи дека сè уште се работи на финализирање на текстот, но овој заеднички регионален пазар треба да овозможи поголема економска интеграција и цврста економија на Западен Балкан.
„Регионот ќе има можност да изгради пазар базиран на правилата во ЕУ и тоа е многу важно. Регионалниот пазар ќе биде отскочна штица за закрепнување на економијата на Западен Балкан, за конкурентност на бизнисот…“,
рече Брегу нагласувајќи дека тоа паралелно ќе помогне за поголем економски раст во земјите.
Една од придобивките на оваа идеја, ако земјите се согласат на регионален договор, е што граѓаните ќе може да патуваат послободно, само со лични карти. Тоа, пред сè, како што нагласи, ќе им олесни на државјаните на Косово и Босна и Херцеговина.
Ако земјите се согласат да се движат заеднички напред, тоа во пракса за граѓаните би значело, на пример, дека за еден државјанин на Косово ќе биде подеднакво лесно да најде работа и во Сараево и во Белград, како што е тоа лесно и за еден државјанин на Албанија.
Во продолжение можете да ги прочитате извештаите на „360 степени“ од останатите дискусии на 10. Белградски безбедносен форум: