Во несреќата е загинат сопатникот Н. А., додека 60-годишниот возач А. А. бил тешко повреден

Триесет и деветгодишен државјанин на Северна Македонија загинал во сообраќајна несреќа што утринава во 5:15 часот се случила на автопатот Нови Сад – Суботица, пренесуваат српските медиуми.
Во сообраќајната несреќа со тешки телесни повреди се здобило едно лице.
Според пишувањата на српските медиуми, возилото марка „киа“ со македонски регистарски таблички, кое се движело по автопатот кон Хоргош, излетало од патот кај населбата Вишњевац, помеѓу клучката Жедник и наплатната станица во Суботица, а потоа се превртело.
Во несреќата загинат е сопатникот Н. А., додека 60-годишниот возач А. А. бил тешко повреден. Повреденото лице било пренесено во болницата во Суботица каде му била укажана потребната медицинска помош.
На местото на настанот веднаш излегла полиција и обвинител од Основното јавно обвинителство во Суботица.
Според информациите од полициската управа во Суботица, против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за тешко дело против безбедноста во јавниот превоз.