Почина волонтер кој е дел од клиничкото испитување во Бразил на вакцината која ја развиваат шведската компанија Астра Зеника и Универзитетот Оксфорд.
Ваквата вест, која ја соопштија бразилските здравствени власти, бргу се прошири во јавноста, но набргу потоа стигна и информацијата дека тој всушност бил дел од контролна група и примил лажна вакцина односно плацебо.
Веста дека станува збор за плацебо прв ја пренесе бразилскиот весник „О Глобо“, а ја пренесоа и останатите светски медиуми, како што се „Вашингтон пост“ и „Скај њуз“.
„Ројтерс“, пак, исто така објави дека волонтерот не примил од вакцината против ковид-19, но повикувајќи се на свои извори, пишува дека на него му била дадена вакцина против менингитис.
Универзитетот Оксфорд соопшти дека испитувањето на вакцината против ковид-19 ќе продолжи, како и дека не е откриен никаков безбедносен проблем на клиничкото испитување.
„По внимателното проучување на случајот во Бразил, утврдено е дека нема причина за загриженост кога станува збор за безбедноста на клиничкото испитување, а и бразилската здравствена служба препорача дека истражувањето треба да продолжи“,
е одговорот од Оксфорд кој го пренесуваат медиумите.
Починатиот волонтер, според непотврдени информации кои ги објавија бразилските медиуми, е 28-годишен Бразилец.