Партијата ги повикува граѓаните масовно да им се приклучат бидејќи, тврди, денес ја имаме држават, но ги немаме слободата и правдата која ни е потребна
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува нов протест со автомобили на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба (Денот на ВМРО) против, како што велат, против мафијата и за правдата и слободите. Протестот ќе започне во Скопје, а ќе заврши во Штип.
„127 години од светлиот датум за Македонија, за македонскиот непокор и пркосот покажан низ вековите, денот кога започнува организираниот бунт против тиранијата, мигот кога почнува борбата за слобода, правда и своја држава. Денес ја имаме државата, но ја немаме слободата која ја сакаме, ја немаме правдата која ни е потребна, се бориме за националното чувство кое ни го негираат. Токму затоа ги покануваме сите граѓани масовно да ни се приклучат на протест против мафијата, за правда и слобода“,
велат од партијата.
Протестот ќе започне во 12 часот, од две собирни точки во Скопје (пред спортските центри „Борис Трајковски и „Јане Сандански“), од каде демонстрантите ќе се упатат пред Собранието каде говор ќе има лидерот Христијан Мицкоски.
По говорот протестот со автомобили ќе продолжи од Скопје до Штип, преку автопатот Гоце Делчев. Во Штип ќе заврши пред Учителската школа каде, нагласуваат од партијата, своевремено учителствувале Гоце Делчев и Дамјан Груев.

Утрешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде 12. по ред. Од почетокот на септември опозицијата организираше пет протести за струјата (еден марш и четири протести со возила). Останатите беа на други теми: еден беше, како што го нарекоа „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“, два „против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство“, еден протест „против реваншизмот и теророт врз граѓаните и политичките неистомисленици“, друг против „„криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот“ и уште еден против „злоупотребата на европски пари“.