Двете најголеми партии лицитираат со бројки во врска со наставата во време на епидемија
СДСМ претпладнево се пофали дека Владата обезбедила непречен тек на образовниот процес, како со учење на далечина така и со физичко присуство на учениците и наставниците во училиштата. Според СДСМ, онлајн-наставата, без поголеми тешкотии, ја следат 88% од учениците, а овој процент од почетокот на учебната година е зголемен за 18% благодарение и на иницијативите на локалните самоуправи кои за исклучително краток период преку донации обезбедија ИТ-уреди за учениците и наставниците кои ја немаа потребната опрема.
Следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ: „Поради неспособноста на владата на СДСМ и Министерството за образование и наука, предводено од Мила Царовска, 12% од учениците не можат ја следат наставата и не се вклучени во образовниот процес“.
Од СДСМ посочија дека за учениците што немаат можност да следат онлајн-настава секојдневно се емитуваат 15-минутни часови преку Националната радио-телевизија на македонски и на албански јазик, но и наставниците имаат обврска да доставуваат печатени материјали до децата и на дневно ниво да комуницираат и да го следат нивниот напредок во совладувањето на материјалот.
„Во околу 600 училишни објекти во државата се одвива настава со физичко присуство на учениците и наставниците, под строго утврдени протоколи и алгоритми. Учениците и наставниот кадар, кои се вклучени со физичко присуство во образовниот процес, треба да продолжат доследно да ги почитуваат мерките за лична заштита од коронавирусот со тоа да го заштитат сопственото и јавното здравје“,
се наведува во соопштението на СДСМ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, на СДСМ и на Царовска не им е грижа што над 40 000 ученици немаат ИТ-уред за да го следат образовниот процес.
„Царовска, како министерка за образование, ги заборави децата со попреченост, за кои очигледно декларативно била заангажирана како министер за труд и социјална политика. За ваквото неодговорно работење следи одговорност од СДСМ и Царовска“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.