Темата за коалицирање помеѓу партии од македонскиот и од албанскиот политички блок на следните избори ја отвори Арбен Таравари наметнувајќи впечаток дека опозициската Алијанса е отворена за соработка и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ
Ќе бараат ли двете најголеми политички партии во земјава коалициски партнери меѓу албанските партии за локалните избори, кои треба да се одржат за една година отсега.
Темата за коалицирање помеѓу партии од македонскиот и албанскиот политички блок на следните избори синоќа ја отвори генералниот секретар на опозициската Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, наметнувајќи впечаток дека неговата партија е отворена за соработка и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ДУИ повторно коалицира со СДСМ, ние ќе коалицираме со ВМРО-ДПМНЕ и обратно, ако ДУИ коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ние ќе коалицираме со СДСМ“,
рече Таравари во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Меѓутоа, на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, барем според одговорите што ги добивме од овие партии, сè уште им е рано да размислуваат за ова прашање.
„Сметаме дека сè уште е рано за оваа тема. Секако, факт е дека СДСМ има најголем коалициски капацитет поради принципиелните политики што ги води, но и поради силната поддршка од граѓаните. Очекуваме поддршката за овие политики да расте и во Собранието и дека тоа го имаат предвид и други политички партии, како што е и Алијансата“,
велат социјалдемократите.
Дека е рано воопшто да се размислува и за кандидатите денеска зборуваше и партискиот лидер Зоран Заев. Додека одговараше пред новинарите за венчавката на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, и за прашањето дали тој ќе добие поддршка за втор мандат, Заев рече дека кандидати на СДСМ би биле познати дури кон крајот на летото наредната година.
„Обично правиме истражувања. Некогаш имаме кандидати кои се одлични во некоја сфера, а во некои области не се добри. На крајот одлуките ги носат граѓаните. Сега е многу рано, не верувам дека постапките ќе почнат пред пролет. Сакаме да имаме новини во афирмација на можни кандидати. На крајот на летото ќе се носат одлуките, затоа што изборите се во октомври 2021“,
изјави Заев, кој в година напролет прво ќе оди на „тест“ меѓу сопартијците, со оглед на тоа што му завршува вториот мандат на чело на СДСМ.
Став во врска со изјавата на Таравари околу коалициите за изборите в година побаравме и од ВМРО-ДПМНЕ, ама оттаму во текот на денот не добивме одговор, освен посочување дека е сѐ уште рано да почнат подготовките за редовните локални избори.
Затоа, пак, на 13 декември годинава ќе се одржи првиот круг од дополнителните избори за пополнување на испразнетите градоначалнички места во Штип и во Пласница. Новите градоначалници на овие општини ќе имаат мандат помалку од една година, освен ако бидат реизбрани на редовните локални избори наесен следната година.
На последните локални избори, во октомври 2017 година, СДСМ и ДУИ настапија со заеднички кандидати за градоначалници, но со посебни советнички листи во општини со мешан етнички состав, како и во Градот Скопје. Притоа, двете владејачки партии однесоа убедлива победа – во голем број општини и во Скопје уште во првиот круг.
Двете владејачки партии имаа заеднички настап и на минатогодишните претседателски избори, додека пред годинашниве парламентарни избори ја прекинаа „низата“, така што ДУИ излезе сама на изборите, додека СДСМ направи коалиција со Беса.