Како одговор на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измена на моделот за локални избори, премиерот вели дека е отворен за разговор за сите опции, но дека треба да се внимава да не се нарушат демократските процеси
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, е резервиран во однос на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за промена на изборните правила така што во иднина локалните избори би се спроведувале целосно во еден круг, вклучително со изборот на градоначалници.
Досега градоначалници се избираа во два можни круга гласање, додека изборот на советници во општините е во еден круг, според пропорционален модел. Според Заев, со избори и на градоначалници во еден круг би можел да се намали дополнително одѕивот на гласачите, што би се одразило и на легитимитетот на локалните власти.
„Сакаме да ги разгледаме сите варијанти. Отворени сме за разговор за сите опции, но треба да се внимава да не ги нарушиме демократските процеси. Правото на глас, на одлука за тоа кој ќе биде пратеник, премиер, градоначалник, претседател е врвно право во демократијата на граѓаните. Ако тоа го скратиме и биде со неизразено мнозинство, на некој начин ја става под дискутабилност одлуката. Гледате дека еден дел од луѓето не излегуваат на избори, иако кај нас одѕивот е сепак малку поголем отколку во други држави. И кога ќе излезат така мал број луѓе, па ќе го пуштите првиот кандидат без 50 проценти гласови од оние што решиле да излезат да гласаат, тогаш е навистина дискутабилен легитимитетот“,
изјави Заев, кој во минатото во неколку наврати беше избиран за градоначалник на Струмица.
Тој, сепак, нагласи дека е отворен за сѐ што ќе го подобри моделот, а што е во насока на заштита на здравјето на граѓаните. Само, како што посочи, треба да се води грижа за демократските вредности.
ВМРО-ДПМНЕ го презентира предлогот за локални избори во еден круг како одговор на најавата на СДСМ за промена на изборниот модел за советници, односно за воведување отворени листи. Тоа, според владејачката партија, би било прв чекор кон промена и на моделот за избор на пратеници, така што би се вовела само една изборна единица, но и т.н. преференцијално гласање.
Изборите за градоначалници досега се спроведуваа во два изборни круга, иако во добар дел од општините завршуваа уште во првиот круг. За еден од кандидатите да однесе победа уште во првиот круг, според Изборниот законик, треба да освои мнозинство гласови од избирачите што гласале, но само ако на изборите излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во одредена општина или во Градот Скопје. Ако ниту еден од кандидатите не ги исполни условите, се организира втор круг со двајцата најдобро рангирани кандидати, а победник е оној што ќе освои повеќе гласови.
На 13 декември ќе се одржат дополнителни избори за нови градоначалници на Штип и на Пласница, откако Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски и Исмаил Јахоски пратеник. Редовните локални избори, пак, би требало да се одржат во октомври следната година, односно за една година отсега.