Ставете ги контактите на заразените со ковид-19 во изолација, е пораката што ја испрати шефот на службата за итни случаи на СЗО, Мајк Рајан.
Тој смета дека изолирањето на контактите не се прави на системски начин и тоа е една од причините за високите бројки на заразени.
„Ако имав право на една желба, со цел да подобриме само една работа што навистина можеме да ја поправиме и да ја смениме ситуацијата, тоа ќе биде да се осигури дека секој поединец што бил во контакт со потврден случај на ковид-19 е во карантин за потребниот период“,
рече Рајан на прес-конференција во Женева.
Неговата изјава доаѓа во екот на есенскиот бран на коронавирусот и наглиот пораст на бројките на новозаразени во Европа и САД.
Бројот на досега заразени со коронавирус на глобално ниво надмина 40 милиони. Со најголем број активни случаи во моментот сè уште се САД со вкупно 2 724 529, а на второто место е Франција со вкупно повеќе од 770 илјади активни случаи во моментот. Индија е веднаш зад Франција со повеќе од 748 илјади активни случаи.