Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја повика меѓународната заедница уште сега да започне процес на мониторирање за изборите кои треба да се одржат на 13 декември
ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на фер и демократски изборен процес, што подразбира да нема злоупотреба на пакети, да нема притисоци, да нема уцени и закани, кои што се својствени за оваа политичка мафија на власт, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали ќе учествуваат на локалните избори во Штип кои треба да се одржат на 13 декември.
„Но доколку почувствуваме дека процесот во милиметар нема да биде фер и демократски, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да легитимира уште еден таков процес. Доколку оваа политичка мафија мисли дека ќе спроведе процес каде што додека се проведуваат полициски часови и рестрикции, тие ќе одат од куќа на куќа со пакети и ќе поткупуваат гласови, ние таков процес нема да легитимираме овој пат, ниту пак во иднина ќе легитимираме“,
изјави Мицкоски.
Тој ја повика меѓународната заедница да се вклучи директно уште сега во мониторингот на изборниот процес во Штип, затоа што, кко што рече, нема оправдување во иднина за било какви недоследности како за време на парламентарните избори.
Александар Пандов, кој неодамна беше именуван за раководител на новоформираниот Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ, најави синоќа можен бојкот на опозицијата на дополнителните избори за градоначалник на Штип, доколку, како што рече, нема услови за одење врата до врата, односно за кампања.
Дополнителните избори за градоначалник на Штип, кој би имал мандат од неполна година – до редовните локални избори, се распишани откако доскорешниот градоначалник Благој Бочварски беше избран за министер за транспорт и врски. Првиот круг од изборите за градоначалник на Штип, како и на Пласница, ќе се одржи на 13 декември, така што кандидатите би требало да бидат познати најдоцна еден месец претходно.
Пред извесно време, сомневања за можен бојкот на ВМРО-ДПМНЕ во Штип изнесе и ексминистерот за образование Никола Тодоров, кој сега е меѓу поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои бараат оставка од сегашното раководство, поради поразот на парламентарните избори.