Комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидис, изјави дека сѐ додека нема вакцина, спроведувањето на познатите мерки останува клучно
Спасот од пандемијата ковид-19 не е во вакцините, туку во вакцинацијата. Ова го изјави комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидис, на презентацијата на предлогот на Европската комисија за акција од европските земји за обезбедување вакцина против новата болест.
Таа истакна дека главната цел на ЕУ ќе биде да следи дали вакцината, кога ќе биде одобрена и испорачана, е навистина безбедна. Според неа, сѐ додека нема вакцина, спроведувањето на познатите мерки останува клучно.
„Сите сме уморни од мерките, но ако не ги спроведеме, ќе ги изгубиме најблиските. Секој од нас е дел од решението“,
рече Киријакидис и повика граѓаните да не потпаѓаат под дезинформации.
Европската комесарка ги повика земјите од ЕУ однапред да ги проверат можностите граѓаните брзо да бидат опфатени со кампањи за вакцинација.
„Нема брз лек, но вакцинацијата ќе ги олесни здравствените системи ѝ ќе и помогне на економијата да закрепне, да го врати чувството на предвидливост“,
додаде комесарката.
Според неа, треба да се предвидат настаните за да се избегне повторување на последиците од наметнување општ карантин.
Потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, истакна дека Комисијата досега презела повеќе од 800 мерки во врска со пандемијата и одобрила 373 решенија за државна помош.
Според него, Комисијата обезбедила прелиминарни договори за набавка на речиси една милијарда дози вакцина, но тие ќе бидат на располагање само кога ќе бидат безбедни.
Во очекување на вакцината против ковид-19, повеќе европски земји поради порастот на заразени со коронавирус најавија остри мерки за спречување на ширење на вирусот: Франција воведува вонредна состојба и полициски час во повеќе области, додека останатите земји главно го ограничуваат работењето на рестораните, на собирите, физичкото присуство на наставата се заменува со онлајн…