Главна причина што голем број од нашите дипломатски претставништва долго време се празни, е кочењето што го правеше ВМРО-ДПМНЕ преку претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика во претходниот состав која ја водеше Антонијо Милошоски
Четворица идни амбасадори – Данчо Марковски (за Република Албанија), Сали Лимани (во Република Казахстан), Шпреса Јусуфи (во Република Косово) и Марија Ефремова (во Светата Столица) денеска ги претставија своите приоритети пред Комисијата за надворешена политика.
Пратеничката Соња Мираковска вели дека од овие четворица само Лимани не е дипломат од кариера, додека сите останати се, нешто што не било својствено во едно минато време.
Таа очекува собраниската Комисија за надворешна политика набрзо да ги сослуша сите кандидати за амбасадори и земјава наскоро да испрати дипломати во сите земји каде што се испразнети местата.
„Верувам дека тоа многу брзо ќе се направи затоа што во текот на наредната недела треба да завршиме со сите 16 амбасадори. Ни остануваат половина, уште осум и верувам дека многу брзо ќе испратиме амбасадори во сите земји каде што се испразнети местата“,
изјави Мираковска.
Претставувањето на платформите на кандидатите за амбасадори, кои добиле агремани од земјите и мисиите во кои заминуваат, е претпоследниот чекор пред стапувањето на функцијата, односно пред добивањето акредитиви од шефот на државата Стево Пендаровски.
Неколку месеци по официјализирањето на членството на Северна Македонија во НАТО, Дане Талески е пред заминување во Брисел, како шеф на нашата мисија во седиштето на Алијансата во Брисел.
На почетокот на овој месец, своите тезите ги претставија кандидатите за Брисел, Данска, Мисијата на ООН во Њујорк, НАТО, Тирана…
Петмина од кандидатите за амбасадори што стигнаа до презентација на платформите требаше да заминат на функциите уште во март годинава, но процедурата беше закочена во собраниската Комисија за надворешна политика, со која и во претходниот собраниски состав и сега претседава Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Токму поради ова, поранешниот министер за надворешни работи сега вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, на примопредавањето на функциите со Бујар Османи, изјави дека најверојатно треба да се смени за да се избегне, како што рече, дневното политикантство.
„Главниот проблем за застојот беа деветте одложувања на Комисијата за надворешна политика во Собранието. И тоа на некој начин ни дава за право да го преразгледаме тој процес. Ние воспоставивме една убава демократска пракса, секој кандидат за амбасадор да излезе пред Комисијата, пред пратениците, да ги претстави тезите и јавноста да го запознае. Но, Собранието и Комисијата формално-правно согласно Уставот не се дел од именувањето на еден амбасадор. И мислам по едно, две одлагања, ако Комисијата ја крши ова демократска пракса, веројатно треба да размислиме дали можеби овие луѓе требаше да бидат испратени. И за во иднина ако има ваков тип на проблеми. Бидејќи, одговорноста на оставање на празни амбасадорски места во за нас важни главни градови е преголема за да се сведе на дневно политикантство. А за тоа се работеше“,
рече Димитров.
Милошоски денеска по комисиската седница ги критикуваше дел од предлозите за амбасадори.
„Прво, флоскулата дека ако си професионален дипломат, односно вработен во МНР дека по автоматизам си соодветен и добар за амбасадор не мора секогаш да е точно. Според мене, најмалку половина од предложените амбасадори имаат многу подобри и поквалитетни свои колеги коишто би можеле да бидат подобри на тие амбасадорски позиции. Затоа ценам дека ставот на Амбасадорскиот совет е точен, за жал, МНР ги нема искористено најдобрите ресурси по однос на предложените кандидати за амбасадори во најмалку од половина од земјите каде што сега ќе се упатуваат амбасадори“,
рече Милошоски.
Тој со забелешка до Владата дека се уште нема договор за кандидати за амбасадори во клучните дипломатски места во светот: Вашингтон, ООН, Пекинг, Москва, Рим и други земји, што според него е голем пропуст.
Агремани веќе добија и кандидатите за наши амбасадори во Чешка, во Јапонија, во Стразбур, Советот на Европа, Србија, Австралија, Холандија и Естонија.