Пожарот кој денеска во 15 часот избувна во контејнер во кругот на компанијата „Леар“ во ТИРЗ Тетово е изгаснат. Командантот на тетовската противпожарна единица, Ука Алити, за „360 степени“ вели дека навремената реакција на пожарникарите спречила огнот да го зафати и објектот.

„Пожарот почнал на самиот влез на големиот метален контејнер кој се наоѓа непосредно до објектот. Во контејнерот имаше лесно запалив материјал што личи на сунѓер. Постоеше опасност огнот да се прошири на фабриката, оти е на 3-4 метри од контејнерот, но, го спасивме објектот“,
вели Алити.

За гасењето на пожарот интервенираа осум пожарникари со три противпожарни возила.
Чадот брзо навлегол во внатрешноста на фабриката преку вентилацијата, по што вработените панично го напуштиле објектот. Нема повредени. Полицијата ги утврдува причините за пожарот.