Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, од уставно-правен аспект, Собранието не може да работи и одлучува преку онлајн-апликации, затоа што членот 69 од Уставот налага присуство на собраниските седници
Не би било етички пратениците да работата од дома, а да се бара сите други вработени да одат на работа, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски откако се отвори дебатата за алтернативно функционирање на законодавниот дом во екот на новиот бран на ковид-кризата во земјава.
„Од етички аспект, би било нееднаквост доколку пратениците физички не одат на работа во Собранието, а во исто време се бара градежниците, медицинскиот персонал, продавачите, возачите, наставниците, судиите, чиновниците и приватниците физички да бидат на своите работни места за да си ја заработат својата плата“,
напиша Милошоски на Фејсбук.
Тој посочува дека од уставно-правен аспект Собранието не може да работи и одлучува преку онлајн-апликации, од едноставна причина што постои јасна уставна норма (член 69) која налага присуство на собраниските седници, на мнозинство од вкупниот број на пратеници (најмалку 61 н.з.)

За парламентарното мнозинство кое моментно брои 62 члена, во ситуација кога двајца пратеници се заразени со ковид-19, е невозможно да обезбеди кворум за работа на пленарна седница без „асистенција“ на опозицијата.
Според Милошоски, ако Уставот бил за онлајн-сесии, ќе пишувало учество, а не присуство, како што прецизно е утврдено и со Деловникот на Собранието.
На денешната редовна координација на спикерот Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи требаше да се разговара и за тоа како би функционирал парламентот во услови на епидемија, со оглед на тоа што моментно не постои нормативна рамка за работа од далечина, а опозицијата се против на можното воведување онлајн-платформа.