Чешката влада донесе одлука од утре да ги затвори баровите и рестораните и да забрани алкохол на јавни места по рекордниот пораст на нови случаи со ковид-19.
Мерките вчера ги соопшти премиерот Андреј Бабиш и тие ќе траат до 3 ноември.
Исто така, ќе се затворат и основните училишта кои ќе почнат да одржуваат онлајн-настава, нешто што веќе го прават средните школи и универзитетите.
„Треба да преземеме мерки што ќе го променат трендот на новозаразени во рок од две или три недели. Во спротивно, ќе останеме без болнички капацитети“,
изјавил министерот за здравство Роман Прајмула, пренесува „Франс24“.
Од вчера во Чешка се затворени и кината, театрите, музеите и галериите. Мерките следуваат откако во текот на минатата недела чешките здравствени власти регистрираа рекорден број на нови случаи.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести, пак, вчера соопшти дека Чешка е земјата членка на ЕУ која забележала најбрз раст на бројот на заразени на 100 000 жители во последните две недели.