Претпладнево во пристанишниот град Драч, кој беше едно од најпогодените подрачја од разорниот земјотрес што Албанија ја погоди утрото на 26 ноември, престојуваат премиерот Зоран Заев, српскиот и црногорскот претседател, Алекдандар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ и нивниот домаќин, премиерот Еди Рама.
Нивната посета на Драч е со цел одблиску да се запознаат со состојбата по земјотресот. Посебно се задржаа во комплексот каде има 185 станови а кои поради големите оштетувања се невселливи.

„Оваа посета на Драч воедно е и најава на заедничката соработка во справувањето со природни катастрофи и вонредни состојби која ќе биде вклучена како уште една област за непосредна и блиска соработка меѓу земјите од Западен Балкан во документот за поинтензивна интеграција на регионот што ќе биде усвоен денеска во Тирана“, наведуваат од Владата.
С.Македонија, потсетуваат, беше една од земјите што веднаш упати стручни екипи за прва помош и спасување кои, со специјализирана техничка опрема и кучиња трагачи, спроведоа акции за извлекување на настраданите граѓани во Драч, како и во санирање на штетите од катастрофалниот земјотрес. Владата, пак, издвои шест милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот.

За безбедноста на четворицата лидери во Драч, според Ора њуз телевија, се грижат голем број полициски сили.
По Драч тие се враќаат во Тирана, каде во хотелот Рогнер во Тирана ќе го одржат третиот состанокот на иницијативата „Мини Шенген“ која има за цел интензивирање на регионална соработка и подобрување на животот на граѓаните. На состанокот најавено е присуство и на претставник на амерканскиот Стејт департмент.
Првиот состанок беше одржан во Нови Сад, вториот во Охрид, додека следниот најавено е дека ќе биде во Белград за кој Вучиќ, изјави дека ќе биде историски.