Шпанската влада утрово започна седница на која ќе се разгледува воведување вонредна состојба во Мадрид и околните општини.
Седницата следува откако е воведен делумен карантин во Мадрид и предградијата, со цел спречување на ширењето на коронавирусот.
Премиерот Педро Санчез синоќа разговараше со регионалната шефица Изабел Дијаз Ајусо, на која ѝ постави ултиматум дека, доколку таа не прогласи вонредна состојба, тогаш тоа ќе го направи владата.
Вонредната состојба ѝ дава дополнителни овластувања на владата времено да ги ограничи правата на граѓаните, а во овој случај тоа се однесува и на слободата на движење.
Последните две недели во Мадрид и околината се регистрирани по 591 случај на зараза на 100 000 жители, што е двојно повеќе од цела Шпанија заедно – 257 на 100 000 и многу повеќе од европскиот просек кој е 113 на 100 000 жители.
