Можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области во кои се остварува успешна соработка согласно напорите за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се темите на кои се разговара
Во Софија заврши тет-а тет средбата на министрите за надворешни работи на С Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева.

Веднаш потоа започна пленарната седница на која, како што најавија од МНР, ќе се разгледаат можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области во кои се остварува успешна соработка согласно напорите за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
„Фактот дека првата билатерална посета е во Софија е порака сама по себе. Тоа укажува дека одржувањето на односите со соседите е наш сериозен интерес и приоритет. Мислам дека интензитетот на комуникација на политичко ниво и на стручно ниво на кое инсистираме ќе ги отстрани предрасудите кои се создадоа во меѓувреме поради пандемијата и изборите и како резултат на ослабување на динамиката на комуникација. Очекувам по мојата средба да следува средба меѓу премиерите, со што влегуваме во нов циклус на комуникација, а праксата покажува дека при добра комуникација се наоѓаат и решенија. Оптимист сум дека ќе ги надминеме евентуалните разлики што постојат. Иако рамката е во Договорот за добрососедство, ова е внесување нова енергија и динамика“,
изјави Османи пред три дена., најавувајќи ја посетата.
Првата своја билатерална средба како министер за надворешни работи, Османи ја опиша како остварување на неговиот прв приоритет од мисијата како предводник на дипломатијата.
Неговата посета е претходница на средбата на премиерите Заев и Борисов, која треба да се случи пред 10 ноември.