Вака лидерот на партијата „Единствена Македонија“ Јанко Бачев протестираше пред Собранието на денот кога во Нивици се потпиша договорот за името. Подоцна таа вечер, сепак, бајраконосецот не доби можност и да се обрати пред демонстрантите.
Иста локација, но два и пол месеци подоцна. Вечерта на 30 септември, Бачев е еден од предводниците на славјето по непостигнувањето на цензус на референдумот. И покрај тоа што лично ја предводеше кампањата за бојкот, Бачев повторно не доби минути на микрофонот.
Од таа вечер, првиот човек на партија „Единствена Македонија“ го нема ниту меѓу малубројните демонстранти кои до скоро патуваа со него со автобус низ земјава, а сега кампуваат и ги блокираат улиците кај Собранието.
„-Се случуваат некои несогласувања меѓу вас демонстрантите и Бачев?
Незнам, не верувам, можно е да има некои несогласувања, но тие се површински. Секогаш кога имало вакви протести, кога имало повеќе здружувања на организации, партии, секогаш имало уфрлени луѓе, кои создавале проблеми. Тоа не само кај нас во Македонија, тоа го има секаде, во цел свет.
Мислите дека господинот Бачев е уфрлен играч?
Не знам, тоа времето ќе покаже.“, вели Душко Дојчиновски од Движењето „Бојкотирам“.
Посочен од соработниците, Бачев го снема и од јавните настапи. Го побаравме и го прашавме лично – кој му го одзеде микрофонот и наклонетоста на бојкотирачите?
„Јас бев спречен од Унијата на млади сили на ВМРО да не се обратам пред Собранието. Медумскиот мрак очигледно продолжува кон Единствена Македонија и спрема мене лично како нејзин претседател.
-Зошто ВМРО-ДПМНЕ не би сакале вие да се обратите пред Собранието?
Тоа не ни е познато, нашето соопштение беше да се вразумат тие од раководството на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи нашиот заеднички непријател треба да биде марионетската власт.“, ни раскажа лидерот на „Единствена Македонија“ – Јанко Бачев.
Почетокот на негостпримоството кон Бачев временски се совпаѓа со неговата одлука од партиските редови да го исклучи професорот Стефан Влахов-Мицов. Причината, според лидерот на „Единствена Македонија“, е разлика во политичките ставови.
„Ширел небулози дека ќе почне трета светска војна, ќе дојдат руски тенкови, руски авиони од Србија. Еве дојде септември и си замина, па не се случи ништо. Значи, ја компромитирал таа наша идеја, во јавност да створи идеја дека ние сме некоја руска инсталација, некоја испостава од Русија. Тоа не е точно. Ние сме автохтона македонска партија и си имаме најнормална соработка со партијата „Единствена Русија“, со која делиме исти вредности.“, додава Бачев.
Токму судирот на линија Бачев-Мицов на виделина го вади „валканиот“ веш за тоа како и кој го помагал бојкотот на референдумот. На пример, Бачев обвинува дека Влахов-Мицов извлекол пари од македонски иселеник во Австралија во име на партијата, а потоа ги присвоил за себе. Пред партиските тела на маса ставал и радикални предлози.
„На седница на Извршниот комитет бараше да формираме воено крило, иако ние како партија ниту имаме такви можности, ниту има таква законска основа и сега ние гледаме дека намерата било, тој инсистираше, без разлика што нема можности да донесеме барем формална одлука. И сега ние гледаме ако донесевме таква одлука, тајната служба ќе имаше законска основа да не апси сите.“, вели првиот човек на „Единствена Македонија“.
И додека Бачев сугерира дека активностите на Влахов-Мицов биле во насока да се навлече МВР, сега веќе поранешниот член на партијата обвинува дека лидерот е тој што влегол во сомнителни води.
„Тој оди на политички разговори и бара средби со руски тајни служби, тоа ме буни, нормално. Второ, и тука кога однесов кај рускиот амбасадор, зашто тој не знаеше кај е руската амбасада, тој знаеше дека е некаде е околу црквата, во близина, ама не знаеше, кај Шчербак и овој почна да му бара пари и со какво образложение – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ организираат митинзи и за таа работа носат луѓе со автобуси. Ние може да организираме големи минтинзи, но за тоа ни се потребни пари, бидејќи овие делат сендвичи, даваат пијалок, даваат пари. Амбасадорот Шчербак се збуни и му одржа една лекција. Рече – слушајте и да имате пари, секако, не од Русите, и да имате пари и да ги плаќате тие демонстранти, потоа некој друг ќе им плати повеќе и тие ќе одат кај нив. Значи, вие морате да имате луѓе за идејата.
-Го прашавте зошто бара средба со тајните служби во Русија?
За поткрепа. Американците, хунтата во Македонија сакаат да прикажат руско влијание. За да прикажат руско влијание мора да се создаде таква партија со лидер под нивно, кој прави провокации дека Русите го обезбедуваат. Врз таа база западните медиуми велат еве ги Русите. Па, тој е тројански коњ.“, вели универзитетскиот професор Стефан Влахов-Мицов.
По интервјуата со Бачев и со Влахов-Мицов, 360 Степени се обрати до руската амбасада во Скопје. Оттаму велат дека контактите со политички партии и организации, вклучително и на ниво на амбасадор, се вообичаена дипломатска практика, па и со раководството на „Единствена Македонија“.
„Ниту руската страна ниту амбасадата на Русија давале финансиска или каква било друга помош, ниту имаат намера да го прават тоа во иднина. Самото поставување на ваквото прашање е неумесно и сведочи за неразбирање на суштината на нашата политика, вклучително и кон пријателската Македонија. Патувања на општествено-политички дејци за Русија се реализираат на покана од нивни руски партнери. За содржината на патувањата на г. Бачев, Амбасадата нема информации.“, велат од руската амбасада.
За разлика од сведоштвата за средби со претходниот руски амбасадор Шчербак, Бачев и Влахов-Мицов велат дека не се виделе со новиот руски амбасадор во Македонија. Ниту тие побарале средба ниту некој нив ги побарал. Барем такви се тврдењата.
Напишете коментар