Во хотелот „Ибис стајл“ (поранешна Мала Богородица – Систина) вчеравечер се примени првите 59 лица кои во земјава влегле на Деве Баир и од Косово и е потребно да се во изолација, односно во карантин. Четворица од нив кои имале покачена температура веднаш се испратини на проверка за ковид-19 во Инфективната клиника.

Во хотелот, како што информираат од „Аџибадем Систина“, се и шест полицајци кои ја обезбедуваат локацијата и 16 вработени кои работат во смени. За вработените е обезбедена заштитна опрема од Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
„Собите во хотелот се целосно опремени според барањата и потребите за згрижување граѓани кои треба да се во изолација. Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ обезбедува и медицински персонал, поддршка и опрема. За лицата ќе биде обезбедена и храна. Освен редовна контрола на пациентите, за итни случаи докторите на ‘Аџибадем Систина’ ќе стојат целосно на располагање и ќе доаѓаат на повик“,
велат од „Аџибадем Систина“.
Лицата со симптоми на ковид-19, посочуваат, ќе бидат пренесувани со асистенција на Министерството за здравство во Инфективната клиника.

„Ибис стајл“ е приватен капацитет кој на располагање на државата го ставија „Орка холдинг“ и „Аџибадем Систина“. Двата хотела „Ибис Скопје“ – „Ибис Центар“ и „Ибис стајл“ имаат капацитет од 214 кревети, од кои 51 во двокреветни соби, 101 во еднокреветна соба и три соби се за луѓе со посебни потреби. Хотелите располагаат и со шест семејни соби.
„Овие капацитети беа ставени на располагање без претходни услови, но сепак се заблагодаруваме на соработката со владиниот кризен штаб и известуваме дека трите оброци за изолираните лица ги обезбедува државата во вредност од 600 денари по лице. Сите останати трошоци за сместување, вработени и медицинска поддршка ги покриваат ‘Орка холдинг’ и ‘Аџибадем Систина’“,
порачуваат од „Аџибадем Систина“.
Владата викнедов објави јавен повик за сите хотели во државата кои имаат повеќе од 50 легла и се заинтересирани доброволно да ги отстапат своите капацитети за формирање државни карантини за населението со цел справување со коронавирусот.