Парите од платежните картички граѓаните можат да ги искористат до 15 август
46 000 граѓани поднеле приговори дека неосновано биле одбиени за добивање државна платежна картичка за купување домашни производи и услуги, информира министерката за финансии Нина Ангеловска на својот профил на Фејсбук.
Таа посочува дека речиси сите приговори за домашната платежна картичка се проверени, а се прифатени 18 проценти или 8 330 приговори.
„Од над 60 000 пристигнати пораки на мејл, 46 000 се приговори од граѓани кои сметале дека ги исполнуваат условите согласно поставените критериуми во групата. По извршените проверки од Управата за јавни приходи, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и Министерството за образование и наука се прифатени вкупно 8 330 приговори. По категории: 4 893 млади лица 16 до 29 години, 752 невработени лица со низок доход, 2 685 вработени лица со низок доход. Вкупната финансиска поддршка која ќе биде доделена на овие лица преку нивните домашни платежни картички изнесува 29 милиони денари“,
вели Ангеловска.
Таа посочува дека остануваат за проверка уште 245 приговори од страна на Министерството за образование и наука и 506 приговори од Фондот за здравствено осигурување, кои треба наскоро да се завршат и усвоените приговори да се дадат за изработка на картички на банките.
Таа додава дека парите од овие картички граѓаните можат да ги искористат до 15 август.
„Средствата од #купувамдомашно картичките граѓаните може да ги користат до 15ти август во: хотели, одмаралишта, кампови и други објекти за сместување, туристички агенции и оператори, ресторани, достава и подготовка на храна и пијалаци, супермаркети, продавници за храна, пилјари, пекари, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за книги, спортска опрема, продавници за облека, обувки, предмети од кожа, аптеки, фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности. производите ќе ги најдете назначени на рафтовите, гондолите или со ознака ‘Купувам домашно’“,
посочува Ангеловска.