Чајле – гостиварско село со околу 5 000 жители, барем на хартија. Неформално е поделено на Старо и Ново Чајле. Во двата дела заедно на референдумот гласале едвај 20 отсто од жителите со право на глас.
„Јас се занимавам со земјоделство и сточарство веќе 40 години. Јас оваа работа не ја пуштам од рака, имам семејство, сум школувал деца, имало есап, но некогаш и немало есап да се работи.“
Сточарот Менсур вели дека гласал, а ако треба, ќе излезе и на парламентарни избори кои се во најава.
„Јас, заедно со моето семејство, гласав и гласав „За“. Ако не влеземе во Европа не се исплати, само Европа да ни помогне, друго чаре нема.“, ни рече тој.
Селото Чајле е родно место на еден од потпреседателите на Собранието – Весел Мемеди, а Собранието беше овластениот предлагач на референдумот. Затоа го побаравме и Мемеди – да го прашаме зошто беше слаб одѕивот во Чајле.
Но, господинот Мемеди, кој до пред малку пиеше кафе во оваа кафетерија, кога го забележа пристигнувањето на нашата екипа, го напушти локалот, а потоа и не одговори на нашите повици.
Но, Чајле има и гостопримливи домаќини.
Синан Ељези, претседател на месната заедница, е почитуван од соселаните. Тој се понуди да ни ја покажа причината за слабата излезност.
„Овие две куќи тука ако ги гледаш овие се во Австрија, овие се во Германија, овие се во Швајцарија. Сега ќе гледаме од другата страна. Овие се исто во Австрија, овие на оваа улица се сите печалбари, почнувајќи оттука, па се до таму горе, сите овие куќи се затворени.“, ни објаснуваше Ељези додека со неговиот автомобил правевме обиколка на селото.
Дента кога бевме во Чајле пристигна донација од иселениците, кои освен камион за собирање отпад, пратиле и абер.
„Јас ги прашав нив и ми кажаа дека се многу далеку од нашите амбасади таму, некаде 100, 200 километри се далеку од нашите амбасади, затоа не гласале. Дури и порачаа, зошто партиите не организираат кога ќе бидат печалбарите тука на одмор, па тогаш да гласааат, било за парламентарни, било за локални, било и за референдум, за да го видат резултатот.“, додава Ељези.
Политиката честопати се поистоветува со партија шах, а за да се стигне до мат, за почеток потребно е да се имаат сите фигури на број.
„Прво, како прва точка, не излегуваат зашто политичарите многу лажат, 25 години. Второ, нема луѓе. Мене земете ме за пример, сите ми се надвор, само јас и жена ми сме тука, и кој ќе излегува, од кого бараае гласови. Јас гласам лично секогаш, затоа што сум должен да гласам и по вера и по се ама и јас сум без волја веќе. Само што морам да гласам, иначе не би гласал никогаш.“, вели пензионерот Мифтар Муртезани по завршувањето на партијата шах.
„Најлошо го сметаме ова сега што го направил народот. Тоа не е направено од поединци, може некој поединец префрлил некој муабет, излегувај за инает, не излегувај за инает, ама ние инаетот што го правиме, го правиме за себе, за никој друг. Утре да биде пак референдум, нема да се случи ова што се случи…
-А зошто се случи?
Јас го гледам се од страна некој и тоа политичарите, не јас, јас не знам да правам такви далавери. Политичарите за инает на овој, на оној, а инаетот ќе го платиме ние.“, посочува и пензионерот Мусо Мифтари.
Чајле го напуштивме со телефонски повик од Весел Мемеди. За него, не е пристојно потпретседател на Собранието да дава изјава во село.
Продолживме кон струмичко Гечерлија, село во општина Босилово, со излезност на референдумот од само 15 отсто.
Местото и онака има едвај 373 жители, а на референдумот гласале само 45-мина или 15 отсто.
Иако споделуваат исти животни проблеми, мештаните се длабоко поделени во политичките ставови.
„ ВМРО е македонска партија, а СДС е од некои никакви таму.
-Чиста македонска партија . Социјал-демократска за сите што мислат е.
Лажеш, и тие лажат и ти лажеш, тие се дарбени да лажат, способни.
-Тие не се вмровци, тие се Груевисти, апаши.
Како не ти е срам така да зборуваш, не си дете.
-Јас секои два дена во неделата во тие споменици се сопмнувам, за што се тие споменици?
Не си го цениш потеклото, ти така си роден.
-А со новото што имаш проблем сеа?
Што проблем?
-Кажи ти.“, се расправаа жителите кои ги пресретнавме во сред село.
А додека едни се расправаат, други итаат на нива. И тие се со спротивни ставови.
„Ама сега не може ако јас се викам Илија, да се викам Алија, сфаќаш? Не би излегле (да гласаме), оти гледаме се на бетер е, се е од лошо полошо.“, смета земјоделецот Илија Борисов од Гечерлија.
„Јас не излегов да гласам, бидејќи не знаев кој ден се гласа. Договорот е успешен и добар, бидејќи тој договор ни дава услови кој сака да оди за странство, пак може да оди, но кога ќе бидеме во Европа, белким и производството ќе тргне подобро.
-Ако има избори, ќе гласате сега во ноември?
Ќе гласам, ако има, ама јас мислам дека нема потреба од избори.“, додава Борис Стоименов кој исто така иташе на нива.
Од Гечерлија одиме кон Мокрино – село апсолутен рекордер по ниска излезност на референдумот во општината со најнизок одѕив – Ново Село. Во Мокрино гласале само 10 отсто од запишаните избирачи, а во цела општина 17. Живописна природа и убави куќи го красат ова место, но улиците се празни. Тука пензионерските денови ги минува Томе Ѓеорѓиев, кој има свое објаснување зошто треба да се прифати договорот со Грција.
„Јас како што мислам, а можеби не сум во право, ние на Бугарите да не им даваме пари, поубава е оваа верзија. А народот не може да се спречи, со тие мали плати, барем ќе си одат слободно, без да се мачат да вадат бугарските пасоши. Овде нема, нема народ. Противничката апртија не излегоа, а тие другите малку се, тие што беа, одзивот е затоа слаб, нема луѓе, нема.
-Ќе излезете на парламентарни избори ако има еве во ноември?
Јас секако излегувам, само и на народот веќе ќе му дојде и преку глава тоа гласање.“, вели Ѓеоѓиев.
„За името, ама како тоа, Турчинот бил петстотини години не го менувал името и сега што НАТО. В НАТО треба да плаќаме, уште толку ќе осиромашни народот.
Вие ќе излезете на парламентарни избори?
Ма јок. Не ме интересира воопшто.“, ни кажа пензионерот Никола Тасев,
И земјоделецот Јован е против Договорот.
„Не, не гласав, скоро цел ден бев по полето. Премногу работа има и затоа нема ред.
А што мислите за Договорот, треба да се поддржи?
Не треба.
Зошто?
Тоа е играчки, нема потреба.“
Во сите три села со слаба излезност на референдумот ни кажаа дека по печалбарите, ние сме први гости што ги посетиле во последниот период.
Затоа и не треба да чуди што наспроти бистрината на изворите во Мокрино, е матноста во ставовите на жителите за насоката во која треба да се движи државата.
Напишете коментар