По средбата на германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот Зоран Заев најизвесна се чини опцијата дека одлуката за почеток на преговори со земјава ќе биде донесена во октомври, иако останува мала можност за одлука уште летово.
Меркел му рекла на Заев дека С. Македонија испорачала и дека таа е многу позитивна за досието на земјава. Канцеларката најавила дека Бундестагот најдоцна во септември ќе одобри почеток на преговори со С. Македонија.
Од македонска страна било речено дека земјава во Германија и Меркел има голем поддржувач и стратешки партнер и дека останува увереноста за почнување на преговорите до крајот на годинава.
Останува отворено прашањето каков заклучок ќе добие Северна Македонија на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, предвиден за 18 јуни, кога точката ќе се најде на дневен ред пред министрите на земјите-членки.
Официјалното владино соопштение е со повоздржан тон и во него пишува дека „канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата“.
„Претседателот на Владата Заев нагласи дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на СР Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември. … Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора“,
пишува во владиното соопштение.
Од кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел се уште повоздржани кон јавноста. На интернет-сајтот на германската федерална влада средбата е ставена во контекст на стабилизирање на Балканот, со додавка дека фокусот на дискусијата биле прашања од надворешната и европската политика.

„Заедно со Франција, Германија си ја постави целта да ја зајакне стабилноста на Западниот Балкан. Важен камен-темелник беше спогодбата за спорот за името „Македонија“. Под покровителство на ОН, балканската република го прифати името Северна Македонија од 12 февруари 2019, со што го затвори нејзиниот спор со Грција кој опстојуваше од 1991. Исто така, во април, премиерот Зоран Заев присуствуваше на состанокот за Западен Балкан, кој се одржа на покана на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон“
пишува во соопштението од кабинетот на Меркел, по средбата со Заев.
ЦДУ: Не разбираме зошто одложување од три месеци е толкав проблем
Претставник на партијата ЦДУ на канцеларката Меркел за „Франкфуртер алгемејне цајтунг“ вели дека „не разбираат зошто е толку голем проблем одложувањето за три месеци на одлуката за преговори со Северна Македонија, особено што веќе е решено дека отворањето на првите поглавја од преговорите ќе се случи во декември“.

„Што се однесува до Северна Македонија, според моите сознанија и проценки, можам да кажам дека земјата на крајот на септември ќе добие согласност од мојата пратеничка група и од Бундестагот“, вели пратеникот на ЦДУ-ЦСУ, Јохан Вадефуп.
Притоа тој предупредува дека „не е од помош, ширењето страв од трети сили или земји“, по тврдењата дека одложувањето на одлуката за преговори може да ги засили активностите и апетитите на Русија и Кина во регионот.
Вадефуп ги отфрла критиките кон Бундестагот за одложувањето на одлуката за старт на преговорите со Северна Македонија до септември.
„Ние имаме одговорност пред нашиот народ, особено кога станува збор за една позитивна одлука за почеток на преговори. Мораме на нашиот народ точно да му објасниме, зошто сме рекле – да“, вели германскиот пратеник.
*поврзана вест – Заев: Целосно и верувам на канцеларката Меркел