Заменик-помошникот државен секретар на САД, задолжен за Западен Балкан во Стејт департментот, Габриел Ескобар, вели дека Северна Македонија може да помогне за решавање на отворените прашања во регионот, како што се српско-косовскиот проблем и состојбата во Босна и Херцеговина (БиХ).
„Вие сте извонреден пример за мултиетничка хармонија, вие сте одличен пример за мирно и ефикасно интегрирање во евроатлантските институции и, исто така, сте модел за спроведување слободни, фер и мирни избори. Затоа, вие ни требате тоа да го извезете“,
порача Ескобар во интервју за „360 степени“.
Прашан за оценка за тоа дали е можен пробив во дијалогот Белград-Приштина и во состојбите во БиХ, високиот американски дипломат рече дека за да одговори на ова треба да се каже контекстот во кој се наоѓаме.
„Важно за јавноста да знае е дека оваа администрација не гледа на Балканот со очите од 1990-ите, а тоа е низ политичките проблеми. Реалноста, вистинската приказна за Балканот е извонредниот економски раст и извонредните економски можности што постојат тука. Ако гледате економски каде сме 25 години подоцна, ќе видите дека од територијата на поранешна Југославија, во делот на Западен Балкан, имаме три земји членки на НАТО, кои ги нарекуваме сојузници и пријатели. Економијата има просечен раст од 7 проценти. Регионот нуди извонредни можности во енергетиката, транспортот, обновливи извори, па дури и ИТ. Оваа економска регионална интеграција го трансформира Балканот во навистина возбудливо место – да се видат и политичките и економските прашања. Тука Северна Македонија ќе ни помогне да ги решиме проблемите – не само во вашата земја, туку и во регионот. Оттука, да, мислам дека во контекст на оваа регионална интеграција има големи можности за надминување на прашањата меѓу Србија и Косово, како и Босна и Херцеговина. Ќе очекуваме Северна Македонија да придонесе за решение на овие проблеми“,
рече Ескобар во интервјуто емитувано вечерва на ТВ Алсат.