Мигрантите, од кои 19 од Сирија и еден од Ирак, биле пронајдени во товарно возило што го управувал 44-годишен жител на Виница. Тој не застанал на знакот за запирање и продолжил да се движи, кршејќи рампа на наплатната станица „Смоквица“, а потоа скокнал од возилото и побегнал. Сепак, по преземени мерки од полицијата, тој набргу бил пронајден и лишен од слобода
Дваесет мигранти од Сирија и Ирак вчера биле пронајдени на автопатот Гевгелија – Скопје во товарно возило што го управувал 44-годишен жител на Виница, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Мигрантите биле откриени во близина на наплатната станица „Смоквица“ од екипа на Мобилната единица за компензаторни мерки при одделот за гранични работи и миграции на Бирото за јавна безбедност.
„При преглед во товарно возило „цитроен џампер“, со скопски регистарски ознаки биле пронајдени 20 лица – мигранти (19 од Сирија и еден од Ирак), меѓу кои и четири малолетници“,
се наведува во соопштението од МВР.
Четириесет и четиригодишниот виничанец, со иницијали Д. Ц., кој го управувал товарното возило во кое биле мигрантите, бил уапсен од полицијата, откако претходно се обидел да избега.
Имено, како што информираат од МВР, тој претходно не застанал на знак за запирање од полициските службеници, туку продолжил со движење и со возилото скршил рампа на наплатната станица, а потоа скокнал од возилото и побегнал.
Сепак, по преземени мерки од полицијата, тој набргу бил пронајден и лишен од слобода.
Во консултација со јавен обвинител против него, велат од МВР, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Мигрантите во меѓувреме се сместени во прифатен центар за странци во Скопје.