Скопскиот градоначалник и премиерот Заев денеска паралелно ги демантираа шпекулациите дека СДСМ и ДУИ веќе договориле нов заеднички кандидат за главниот град. Шилегов повтори дека планира да се кандидира повторно и, како што рече, повторно да победи, додека Заев вели дека СДСМ на 8 овој месец ќе ја почне постапката за предлагање кандидати за локалните избори во октомври
На претстојните локални избори планирам повторно да се кандидирам за градоначалник и очекувам да победам, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање во врска со шпекулациите на некои медиуми дека владејачките СДСМ и ДУИ договориле друг заеднички кандидат за Скопје за претстојните локални избори.
Тој рече дека во неколку наврати има истакнато дека планира втора кандидатура и дека околу тоа нема никаква промена.
„Останувам на истата позиција и пред започнување на шпекулациите. Впрочем, утре ќе се расчистат тие шпекулации и ќе видите дека не станува збор за градоначалник“,
рече Шилегов во врска со најавеното изненадување што ДУИ ќе го соопштела утре.
Тој додава дека е запрепастен со каква леснотија се шири шпекулацијата и истакна дека потребно е да се внимава со пласман на вестите, особено за оние вести што некои центри свесно ги шират како лажни.
Денеска и Заев демантираше дека СДСМ и ДУИ веќе договориле заеднички и нов кандидат за градоначалник на Скопје. За тоа дали двете владејачки партии ќе одат заедно и на овие локални избори, Заев рече дека и овој пат ќе одат кон обединување и коалицирање, прво со партиите од коалицијата, меѓу кои се и ДУИ, Беса и ДПА, но и со опозициските партии од албанскиот блок.
„Ќе правиме коалиции. Ние стартуваме со наша преокупација да ги создадеме максимално коалициите. Секако ,еден дел ќе бидат направени уште во првиот круг, еден дел ќе бидат логични во вториот круг. Со кого: секако со стандардните коалициски партнери со кои сме партнери на државно ниво. Ние сме околу 25 политички партии заедно во еден тим кој верува во иста кауза. Од тој аспект, секогаш фокусот е на албанските партии. Ние имаме три албански партии во коалицијата ДУИ, Беса и ДПА, но имаме соработка и со опозициските партии“,
рече Заев.
Тој рече дека СДСМ на 8 јуни ќе има седница на Централниот одбор на кој треба да биде донесена одлука за шеф на републичкиот изборен штаб, за правилник и постапка и критериуми за номинирање на кандидатите за градоначалници и советници. Некаде во втората половина на јуни СДСМ ќе почне со проверки преку теренски анкети за да добие информации што им е најважно на граѓаните во делот на номинацијата на кандидатите.
„Верувам дека одлуките ќе ги носиме кон крајот на август и почетокот на септември. Опциите се изборите да бидат на 24 октомври или на 31 октомври. Имаме време“,
рече Заев.
Тој изјави неодамна дека Шилегов е еден од фаворитите за кандидат за градоначалник на Скопје, но дека сѐ уште го нема прашано дали планира да се кандидира за уште еден мандат.
На последните локални избори, во октомври 2017 година, Шилегов беше заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ за градоначалник на Скопје, така што оствари победа уште во првиот круг. За тие избори, СДСМ и ДУИ ја направија првата етнички мешана коалиција, така што излегоа со заеднички кандидати за градоначалници во етнички мешаните средини, а со посебни листи за советници во општините. На тој начин двете владејачки партии кои тогаш само што ја обновија коалицијата, по смената на власта на централно ниво, во јуни 2017 година.