Почна протестот за поддршка на жртвите од случајот „Јавна соба“, каде што илјадници членови споделуваа фотографии на жени, девојки и малолетнички, лични податоци и навредливи и понижувачки коментари.

Пред Министерството за внатрешни работи се собраа граѓани и активисти кои бараат институциите да го расветлат случајот и инволвираните лица да понесат одговорност.
Маршот ќе продолжи до Основното јавно обвинителство. На двете места говорници ќе се обратат пред присутните и ќе побараат институциите да го расчистат случајот и инволвираните лица да понесат одговорност.
Како што најавија организаторите од Платформата за родова еднаквост, преку маршот тие бараат од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој, како што велат, претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.
Случајот „Јавна соба“ предизвика лавина критики за интертноста на институциите бидејќи првата група во која се споделуваа експлицитни фотографии од жени и девојки излезе уште лани во јануари, а обвинителството сѐ уште нема покренато обвинение.
За случајот со втората група, од МВР велат дека работат на вештачење на телефоните на осомничените лица и дека ги следат членовите на „Телеграм“ кои „мигрираат“ во други групи каде што повторно споделуваат фотографии и лични податоци од жените.
За ефикасна правна заштита од Министерството за правда најавија измени во Кривичниот законик со кои би се вовел ново кривично дело – демнење. Дека неопходни се законски измени посочи и јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој вели дека со глобализацијата се јавуваат и нови видови кривични дела кои претходно не можеле да се предвидат.
Поради тоа, според државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, потребни се измени и дополнувања на Кривичниот законик, со најавените кривичните дела демнење и сексуално вознемирување.